Извештајот од работната група за случајот со Теодора доставен до Судски Совет
Работната група до претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски го доставила извештајот за случајот со Теодора Ристовска, која беше прегазена на пешачки премин во Тетово, а на обвинетиот Менсур Пајазити доби две години затвор.
Работната група, составена од три члена, требаше да го разгледа предметот од првиот ден кога обвинението влегло во судот па се до понеделникот кога по вторпат почна и заврши во тетовскиот суд.
„Завршена е работата на работната група, доставена е информација, меѓутоа се уште немав можност да ја видам таа информација и веднаш ќе биде објавена и предметот ќе биде вратен назад во судот. Во текот на денот очекуваме да излеземе со повеќе информации“, изјави денеска Камбовски по свечените изјави на неколкумина нови претседатели на судови.
Претходно, премиерот Христијан Мицкоски го повика Судскиот совет да ја преразгледа работата на судијата кој донесе одлука да го казни возачот кој ја прегази Ристевска на две години затвор. Тој рече дека е згрозен од ваквата пресуда и дека тоа не е правда, туку целосно потфрлање на системот.
Камбовски не сакаше да ја коментира и информацијата за парична казна за судијата од Кривичниот суд, Пајазит Пајазити.
Медиумите веќе објавија дека на затворена седница на Судскиот совет минатата недела, била донесена одлука Пајазити да се казни со 30 отсто помала плата за шест месеци, поради одлуката да го пушти косовскиот државјанин Блерим Рамадани од УЧК од ефективен во домашен притвор, по што тој избега. Одлуката за Пајазити е донесена осум месеци откако Рамадани избега од земјава.
„Не би ја коментирал, тоа не е правосудно завршена постапка. До овој момент нема жалба“, рече Камбовски.
Рамадани беше уапсен на 17 јули на граничниот премин Јажинце и однесен на 30 дена екстрадициски притвор во затворот во Шутка, но на 1 август мерката му беше преиначена од „притвор“ во „куќен притвор“ и тој според решението бил упатен на адреса во Скопје. Со оваа одлука се предвидуваше тој да остане во „куќен притвор“ до 16 август.
Во однос на трагедијата во Кочани, Камбовски истакна дека е рано да се разговара за тоа што доколку не може таму да се реализира судењето.
„Мислам дека е рано за тоа да разговараме. Се во свое време. Судскиот совет не треба да одлучува за тоа. Ќе се постапи согласно законот, рече Камбовски.
Во пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани животот го изгубија 61 млади луѓе, а околу 200 беа повредени. Поголемиот дел од нив сѐ уште се на лекување во странските здравствени установи.