Ибрахимовиќ: Рубио за годинава најави посета на Западен Балкан
Државниот секретар на Соединетите Американски Држави (САД), Марко Рубио, најави посета на Западен Балкан во текот на оваа година, соопшти министерот за надворешни работи на Црна Гора, Ервин Ибрахимовиќ.
Тој се сретна со Рубио на првиот ден од состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел.
„Краткиот, но значаен разговор за актуелни билатерални и регионални прашања, што го имав со американскиот државен секретар Марко Рубио, ќе го продолжиме во Подгорица за време на неговата посета на Црна Гора и регионот, која ми ја најави за оваа година“, објави Ибрахимовиќ на социјалната мрежа Икс.
Црногорскиот министер истакна дека размениле мислења за билатерални и регионални теми и ја истакнале важноста од континуиран дијалог и партнерство меѓу Црна Гора и САД, особено во контекст на заедничките безбедносни предизвици.
„Тие се согласија дека посетата (на Рубио) ќе претставува дополнителна можност за подобрување на билатералната соработка и потврдување на силните сојузнички односи меѓу двете земји“, се наведува и во соопштението на црногорското МНР.
Дека имал краток разговор со Рубио на маргините на состанокот на НАТО, вчера објави и министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски.
„Разменивме мислења за актуелни прашања од заеднички интерес, како и за соработката на билатерално ниво и во рамки на НАТО Алијансата. Се согласивме за важноста од натамошно интензивирање на политичкиот дијалог на високо ниво. Следуваат многу заеднички иницијативи“, соопшти Муцунски на социјалните мрежи.
Во Брисел се одржува дводневен состанок на министрите за надворешни работи на НАТО на кој меѓу другото ќе се одлучува дали членките ќе ги зголемат трошоците за одбрана од сегашните минимум два отсто од БДП.
Администрацијата на Трамп претходно ја промовираше идејата да се одвојуваат пет проценти од националните буџети, додека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, бараше секоја земја членка да се обврзе да потроши најмалку 3,7 проценти од БДП за одбраната што е можно поскоро.