Израелскиот парламент го одобри клучниот закон од контроверзните судски реформи
Израелскиот парламент во четврток (27 март) го одобри клучниот закон кој е дел од контроверзната судска реорганизација на земјата. Критичарите велат дека со законот има за цел да се овозможи поголемо политичко влијание при назначувањето на судиите.
Правните експерти постојано предупредуваат дека реорганизацијата на судството што ја турка десничарската влада ја загрозува израелската демократија.
Новиот закон предвидува деветчлената комисија за именување судии, наместо двајца претставници на адвокатската комора, да биде составена од еден адвокат избран од власта и еден адвокат избран од опозицијата. Дополнително, предвидено е право на вето за претставниците на извршната власт при изборот на судии.
Вкупно 67 од 120 членови на парламентот, или Кнесетот, гласаа за предлогот по повеќечасовна дебата.
Опозицијата го бојкотираше гласањето и најави дека ќе го укине законот доколку ја формира идната влада на Израел. Против законот најавени се и тужби пред Врховниот суд.
Десничарскиот конзервативен премиер Бенјамин Нетанјаху и неговите сојузници долго време го критикуваат судскиот систем во Израел дека е премногу моќен и дека премногу се меша во одлуките на извршната власт.
Плановите на неговата влада за реорганизација на судството доведоа до повеќемесечни масовни протести и предупредувања за уништување на демократската рамнотежа во земјата.