Либанскиот премиер предупредува на опасност од нова војна со Израел
Либанскиот премиер Наваф Салам предупреди во саботата на опасност од „уште една војна со катастрофални последици“ за Либан, откако Израел најави ракетен напад врз неговата земја.
„Наваф Салам предупреди на ризикот од продолжување на воените операции на јужната граница, нагласувајќи дека тоа може да ја вовлече земјата во нова војна, со катастрофални последици за Либан“, соопшти неговата прес-служба.
Се додава дека Салам контактирал со министерот за одбрана „за да се осигура дека само државата има моќ да одлучува за војна и мир“.
Началникот на Генералштабот на израелската армија Ејал Замир рече дека армијата „остро ќе одговори“ на ракетниот напад од Либан кон северен Израел.
„Армијата остро ќе одговори на нападите утринава“, рече генералот Замир, кој го предводеше состанокот на кој се оценува ситуацијата, се вели во соопштението.
Либан има одговорност да го почитува договорот за прекин на огнот склучен на 27 ноември со либанското движење Хезболах, додаде тој.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац исто така рече дека армијата ќе одговори на истрелувањето на три ракети од Либан кон северен Израел во текот на утрото.
Израелските сили ги пресретнале ракетите, а засега никој не ја презел одговорноста.
Сирените за воздушен напад се огласија во 7:30 часот по локално време во Метула, село во северен Израел што граничи со Либан.
Тогаш израелската војска објави дека биле пресретнати три ракети кои навлегле на израелска територија.
Либанската новинска агенција (АНИ) објави дека израелски авиони го прелетале „источниот сектор“ на јужен Либан и дека во областа експлодирале проектили-пресретнувачи.
По нападот врз Израел од страна на палестинскиот Хамас на 7 октомври 2023 година, организација која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка, нејзиниот шиитски сојузник во Либан, Хезболах, отвори втор фронт со истрелување ракети од јужен Либан кон северен Израел.
Договорот за прекин на огнот постигнат на 27-ми ноември стави крај на повеќе од една година непријателства, вклучително и двомесечно отворено војување.
Сепак, двете страни меѓусебно се обвинуваат за прекршување на примирјето.