Вучиќ вели дека „на Србија и е доста од оние кои ја тероризираат“ и дека „мора да се спротивстави“
Српскиот претседател Александар Вучиќ оцени дека „на Србија и е доста од оние кои ја тероризираат четири месеци“, додавајќи дека мора да направат се за да се избегне насилство, но и да се спротивстават на оние кои ја „уништуваат и уриваат“ земјата.
„Врие во Србија, буквално врие, само тие тоа не го гледаат. На Србија и е доста од оние кои ја тероризираат четири месеци. И ние мора да направиме сѐ за да го избегнеме насилството и да се спротивставиме на оние кои ја уриваат и уништуваат нашата земја“, рече Вучиќ во видео-обраќање на својот Инстаграм профил.
Тој додаде дека затоа „во најкраток можен период“ ќе ги повика луѓето на мирен и достоинствен начин да демонстрираат дека сакаат „слободна Србија“.
По смртта на 15 лица при уривање на настрешница во Нови Сад на 1 ноември, следеа низа протести и блокади, предводени од студентите, кои повеќе од три месеци ги блокираат факултетите, инсистирајќи на одговорност за несреќата.
Поддршка во нивните барања добија од просветните работници, земјоделците, адвокатите и голем број граѓани.
Ноќта меѓу четвртокот и петокот (20 и 21 март), студентите го блокираа депото на Градското сообраќајно претпријатие (ГСП) во Нов Белград, поради што, како што наведуваат од ГСП, утрово на градските улици не излегле 150 автобуси и 130 трамваи.