Оружје, муниција, пари и документи заплени полицијата во акцијата за нафтените компании
Документација, 5 мобилни телефони, околу 1.500 парчиња муниција од различен калибар, два пиштоли и три патнички моторни возила. Ова го запленила полицијата во координираната акција на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал (ОЈО за ГОКК). Од вчера вечерта започнаа претресите на неколку локации во Скопје, Битола и во Кичево. Во соопштението на МВРсе вели дека акцијата е поврзана со сомнителни набавки на деривати.
„Во рамки на акцијата, лишени од слобода се 11 лица, едно лице е недостапно за органите на прогонот, додека едно е веќе во притвор. До ОЈО за ГОКК е поднесена кривична пријава за ‘злоупотреба на службена положба и овластување’ и ‘перење пари и други приноси од казниво дело’ против 13 физички лица и едно правно лице. Осомничени се: В.К. (55) од Битола, А.М. (44) од Скопје, Н.С. (61) од Општина Маврово и Ростуше, Е.П. (52) од Скопје, М.Н. (60) од Скопје, Б.М. (51) од Скопје, Р.Р. (48) од Општина Желино, Д.С.Ј. (43) од Куманово, Д.С. (66) од Скопје, Д.С. (43) од Велес, Р.К. (38) од Скопје, Е.С. (43) од Кичево, А.Ј. (40) од село Пласница и правно лице со седиште во Скопје. МВР, по насоки на надлежниот јавен обвинител, продолжува со истрагата и со преземање на дополнителни активности за обезбедување на докази поврзани со други потенцијални кривични дела“, се вели во соопштението.
Од обвинителството информираат дека кривичната пријава веќе е поднесена и дека се постапува по неа. Како што вчера објавија медиумите се работи за голема акција во која меѓу другите се уапсени сопстваникот на фирмата РКМ, Ратко Капушевски и син на поранешен пратеник и градоначалник од ДУИ на општина Пласница Исмаил Јахоски, Алија Јахоски. Тој е сопственик на нафтената компанија Пуцко претрол која во последните пет години од македонските институции добила тендери во вредност од речиси 9 милиони евра. Според податоците од Бирото за јавни набавки, нафтената компанија РКМ ја снабдувала со гориво Топланата на Балкан Енерџи Груп. Податоците покажуваат дека од 2020 година до 2023 година, склучила договори во вкупна вредност од над 60 милиони евра.
Сомнежите се дека се набавувал сомнителен мазут за загревање на државни институции.