Шефот на НАТО во Приштина: Флексибилност и компромиси за напредок во дијалогот со Србија
Генералниот секретар на НАТО Марк Руте изјави дека дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија е единствениот начин за решавање на отворените прашања, додавајќи дека се неопходни флексибилност и компромиси.
„За овој дијалог да продолжи напред, двете страни мора да покажат флексибилност и да ги направат потребните компромиси“, рече тој во Приштина на 11-ти март, по средбата со косовската претседателка Вјоса Османи.
Руте нагласи и дека нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија придонесува за поголема стабилност и безбедност во целиот регион.
Тој додаде дека стабилноста во регионот на Западен Балкан зависи од тоа дали сите страни ќе изберат „дипломатија наместо насилство“.
„Решението за долгорочен мир е политичко“, заклучи Руте на прес-конференција.
Косовскиот претседател Вјоса Османи ја обвини Србија за „поткопување на напорите за мир и стабилност“, додавајќи дека се обидува да го дестабилизира Косово со помош на Русија и други фактори.
Во овој контекст, Османи ги спомена нападите што се случија во претходниот период на северот на Косово, вклучително и конфликтот меѓу локалните Срби и припадниците на КФОР во мај 2023 година, кој се случи за време на протестите против доаѓањето на власт на албанските градоначалници.
Присуството на војниците на НАТО на Косово не е само гаранција за нашата безбедност, туку и одбрана од секој обид за поткопување на мирот и стабилноста, за кои толку долго се жртвувавме“, рече Османи.
Претседателката на Косово оцени и дека немањето одговорност за нападите на северот, за кои смета дека стојат зад Србија, „го охрабрува Белград да продолжи со нападите преку своите паравоени структури“.
„Затоа е важно заеднички да го зголемиме присуството и на персоналот и на средствата за заштита на границите, за да спречиме влез на терористички групи и нивното оружје, кои имаат за цел да создадат конфликт во нашиот регион“, рече Османи.
Руте во интервју за Ал Џезира Балканс еден ден претходно рече дека Косово е важна земја во која НАТО има значително присуство преку својата мисија КФОР.
Тој изјави дека останува да се види како ќе се формира владата по изборите на 9 февруари и дека Алијансата прави континуирани напори Косово да биде во „најдобра можна ситуација“.
Шефот на НАТО, исто така, пред неколку дена изјави дека стабилноста во Косово, Босна и Херцеговина и Србија е во интерес на сите и дека не верува дека може да има некаква драматична промена во однос на посветеноста на Америка кон НАТО.
Иван Вејвода од Институтот за хуманистички науки во Виена во изјава за Радио Слободна Европа изрази уверување дека Руте ќе ја искористи оваа посета за да понуди гаранции дека европскиот контингент во КФОР ќе остане, без разлика што ќе се случи со американските воени сили.
Преиспитувањето на позицијата на САД за воено присуство во Европа беше ажурирано во февруари по изјавата на американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет, кој рече дека Европа не може да очекува американското воено присуство на континентот да трае вечно. Тој ги повика европските земји да ги зголемат инвестициите во одбраната.
Американскиот претседател Доналд Трамп, исто така, претходно ја повика Европа да почне да доделува повеќе средства за одбранбениот сектор и праша дали во моментов е подготвена да ги брани Соединетите држави, како што се бара со членот 5 на НАТО.
САД имаат околу 100.000 војници во Европа, од кои 600 се стационирани во Косово како дел од мисијата КФОР, која има вкупно 4.600 војници.
Министерството за одбрана на САД минатата недела за РСЕ изјави дека во моментов нема планирани промени во позиционирањето на нивните сили.
Пред посетата на Косово, Марк Руте ја посети Босна и Херцеговина, од каде рече дека Алијансата нема да дозволи да биде загрозен „тешко стекнатиот мир“.