ru24.pro
World News in Macedonian
Март
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12
13
14
15
16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
31

Влaдата избра Комисија која ќе пресуди кој синдикат е репрезентативен

0

Владата на денешната седница ги утврдила членовите во Комисијата за утврдување на репрезентативност која треба да ја утврди репрезентативноста кај Сојузот на синдикати. Екипирањето на оваа Комисија е важно за да може да се продолжат преговорите меѓу социјалните партнери меѓу кои и барањето на синдикатите за зголемувањето на минималната плата.

Од владината прес-служба попладнево информираа дека во Комисијата се предложени по еден претставник од Министерството за економија и труд, Министерството за социјална политика, демографија и млади и Министерството за правда, без повеќе детали.

Премиерот Христијан Мицкоски во изјава за медиумите неколкупати досега рече дека прво мора да се утврди репрезентативноста на синдикатите, а потоа на седница на Економско-социјалниот совет да се разговара за минималната плата.

Комисијата која го утврдува прашањето на репрезентативност ја сочинуваат по три претставници на Владата, синдикатите и работодавците. Владините ќе бидат назначени утре, по еден од министерствата за економија и труд, за правда и за социјална политика, демографија и млади.

Комплетирањето на оваа комисија е важно затоа што откако таа ќе утврди репрезентативност, Економско-социјалниот совет (ЕСС), треба да го направи усогласувањето на минималецот. А, дел од ЕСС се токму синдикатите кои се утврдени како репрезентативни.

Од ССМ тврдат дека Владата намерно ги повлекла членовите на оваа комисија за да го минира процесот на преговори за минималната плата. Претседателот на Сојузот, Слободан Трендафилов, вели ќе биде изненаден ако Владата утврди нови членови на комисијата бидејќи неколку недели наназад го најавува тоа.

Еден синдикат е репрезентативен ако неговото членство брои 10 отсто од вработените во државата, несметајќи ги назначените и именуваните лица. И ССМ и КСС уверуваат дека го исполнуваат условот, а ако тоа и се формализира, двете организации ќе бидат вклучени во идните преговори во рамки на Економско-социјалниот совет.

Минималната плата треба да се зголеми овој месец, но за колку, не е познато. Согласно законот, зголемувањето би требало да биде околу 1.800 денари, а Сојузот на синдикати бара зголемување за 6.000 денари и придонесите за разликата до 30.000 денари, колку што би изнесувала минималната плата, да ги субвенционира Владата. Оттаму пак изјавија дека пари во Буџетот за оваа намена не се планирани. Се согласуваат со секое решение што ќе го договорат синдикатите и работодавачите, но со целосно подмирени трошоци од страна на работодавачите.