Холандскиот парламент го отфрли Планот за вооружување на ЕУ
Холандскиот парламент го отфрли големиот план на Европската Унија за вооружување. Само минатата недела, водачите на ЕУ, вклучително и холандскиот премиер Дик Шуф, го одобрија планот од повеќе милијарди евра.
Сепак, членовите на холандскиот парламент од три од четирите коалициски партии сега гласаа против планот, вклучувајќи ја и радикалната Партија за слобода (ПВВ) предводена од десничарскиот популист Герт Вилдерс.
Главната критика од партиите е дека можното финансирање ќе го зголеми националниот долг.
И самиот Вилдерс е одлучно против тоа.
Вилдерс во Хаг изјави дека сега премиерот Дик Шуф треба да ја повлече согласноста што ја дал во Брисел.„Така треба да биде во демократија“, рече Вилдерс.
Прашањето за одбраната дополнително ја подели и онака нестабилната десничарска влада на земјата.
Конзервативно-либералната Народна партија за слобода и демократија (ВВД) - партијата на актуелниот генерален секретар на НАТО Марк Руте, кој беше претходниот холандски премиер, го поддржува планот на ЕУ.
Би било „неодговорно“ Холандија сега да ја повлече својата поддршка, рекоа пратениците од ВВД.
Холандската влада најави одговор за подоцна.