ru24.pro
World News in Macedonian
Март
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12
13
14
15
16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
31

Студентите го блокираа влезот во РТС во Белград и РТВ во Нови Сад

0
Во рамките на масовните студентски протести во Србија, беше блокирана зградата на Радио телевизија на Србија (РТС) во центарот на Белград, а во еден момент дошло и до „тепачка“ со полицајците. Насобраните најавија дека блокадата на зградата на РТС ќе трае 22 часа.


„Вечерва од водителката на РТС бевме наречени толпа. Затоа вечерва (10 март) ја блокираме зградата на РТС. Без насилство, без упади. Сите вработени ќе смеат да излезат од зградата - но никој нема да влегува“, изјавија студентите на Медицинскиот факултет во Белград.


Блокадата на РТС траеше цела ноќ, околу стотина луѓе се собраа пред главниот влез на зградата на телевизијата во Белград, а полицијата сè уште е внатре во зградата.


Блокирана е и зградата на Радио Телевизија Војводина (РТВ) во Нови Сад.


Директорот на РТВ Горан Караџиќ го отфрли барањето на студентите РТВ да известува за тоа што се случува пред блокираната зграда на тој медиум, поради што студентите продолжуваат да ја блокираат зградата на покраинскиот сервис, им изјави студентот Борис на новинарите, а пренесе Бета.


Неколку десетици студенти и граѓани се собраа пред Радио телевизија Крагуевац (РТК) во знак на солидарност со студентите кои ги блокираат јавните сервиси во Белград и Нови Сад, јави телевизијата Н1.


Студентите преку блокади и протести бараат властите да одговараат за смртта на 15 лица во уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година.


На социјалните мрежи беше објавено дека некои студенти отишле во Кошутњак, белградска населба, со цел да блокираат друго студио на РТС од кое може да се емитува програма, пренесува Бета.




Во текот на вечерта и во добар дел од ноќта, студентите ги блокираа сите влезови во зградата на РТС и не дозволуваат влез во зградата, но најавија дека е дозволен излез од зградата.


Полицијата соопшти дека ќе интервенира само доколку демонстрантите се обидат насилно да влезат во зградата.


Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека полицијата не дејствувала против демонстрантите, туку била нападната, иако на снимките објавени на социјалните мрежи јасно се гледа дека полицијата со палки напаѓала и тепала студенти и граѓани, пренесува Бета.


Во метежот е повреден еден полицаец, а српскиот претседател Александар Вучиќ тврди дека неговите сериозни повреди на окото ги нанеле демонстранти кои ги нарече „болшевички пленумци“.




Сепак, на видеата објавени на социјалните мрежи се гледа дека повредениот полицаец на протестите бил во цивилна облека, дека се движел меѓу студентите и дека најверојатно бил повреден од сопствените колеги во униформа, кога во еден момент се обидел да им се придружи, пишува Бета.


Масовните собири организирани од студентите во блокадата во неколку поголеми градови во Србија досега се мирни и не се забележани инциденти.




Студентите преку блокади и протести бараат објавување на целокупната документација за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад за да се утврди одговорноста за несреќата, кривично гонење на напаѓачите на учесниците во претходните протести, како и запирање на постапката против уапсените за време на демонстрациите.


Владата тврди дека ги исполнила сите барања на студентите, а експертската група формирана од Сенатот на Универзитетот во Белград го демантираше тоа. Студенти од повеќе делови на Србија пешачат кон Белград за да се приклучат на новиот протест закажан за 15 март.