ru24.pro
World News in Macedonian
Март
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11
12
13
14
15
16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
31

Руте: НАТО нема да дозволи мирот во Босна да биде загрозен

0
НАТО нема да дозволи тешко стекнатиот мир во Босна и Херцеговина да биде загрозен и да се создаде безбедносен вакуум во Босна и Херцеговина, изјави на 10 март генералниот секретар на НАТО Марк Руте, при посетата на Сараево. 


Руте се сретна со највисокото политичко раководство во Босна и Херцеговина, во време кога властите на Република Српска, заканувајќи се со отцепување, се обидоа да ја забранат работата на државните судски и полициски институции на територијата на овој ентитет.



По средбата со членовите на Претседателството на БиХ, Руте истакна дека НАТО целосно го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ, дека Дејтонскиот мировен договор - со кој заврши војната во 1995 година,е камен-темелник што мора да се почитува, но и дека ги поддржува активностите на Канцеларијата на високиот претставник (ОХР) задолжена за негова имплементација.



„Секако дека сум загрижен за безбедносната ситуација, но ова не е 1992 година и нема да дозволиме да се создаде безбедносен вакуум. Знам дека ЕУФОР е целосно подготвен да одржува стабилна безбедносна средина во БиХ. Нема да дозволиме тешко стекнатиот мир во БиХ да биде загрозен“, рече Руте.


Претседателката Жељка Цвијановиќ, која доаѓа од Република Српска, рече дека за неа и за политичките претставници од овој ентитет не се спорни територијалниот интегритет и зачувувањето на мултиетничноста на БиХ и соработката со НАТО, но дека за нив е спорно членството во овој воено-политички сојуз.



„Моите колеги сметаат дека е нормално странец да наметнува закони, не верувам дека е нормално некој да создава толку голем циркус врз основа на конференцијата во Бон. Во Република Српска постои верување дека оваа земја е приватизирана преку разни шпекулации во корист на еден народ, на штета на другите два народа“, рече Цвијановиќ.






Цвијановиќ го поздрави зголеменото присуство на ЕУФОР и НАТО во БиХ и рече дека смета дека тоа е добро за целата земја „поради различните вербални закани што имавме можност да ги слушнеме“.



„[Високиот претставник во БиХ, Кристијан] Шмит не може да ја спаси БиХ, но Република Српска и Федерацијата БиХ можат и мислам дека треба да работиме на тоа, да постигнеме договор и да живееме нормален и демократски живот“, рече Цвијановиќ.



Членот на Претседателството Денис Беќировиќ рече дека е важно тоа што го вели Руте, дека НАТО нема да дозволи безбедносен вакуум. 


„Ова се најтешките моменти од 1995 година. Имавме брутален уставен удар во БиХ. Опасната дестабилизација мора да се запре. Единствената придобивка од дестабилизацијата би имала Москва“, рече Беќировиќ.






Третиот член на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ изјави дека е „подготвен веднаш да потпише“ се што слушнале на средбата со генералниот секретар на НАТО.



Комшиќ изјави дека одговорноста за БиХ „ќе падне на нас овде“ и дека нивна должност е „да им го достават мнозинството добри вести на граѓаните на БиХ“.



„Она што никој не го спомнува е потребата БиХ да одвои поголема сума пари за одбранбениот сектор, имајќи предвид дека БиХ сака да стане членка на НАТО. Сумата што е предвидена во буџетот што денеска го донесуваме не е ни близу два отсто од бруто домашниот производ (БДП)“, рече Комшиќ.


Генералниот секретар на НАТО пристигна во Босна и Херцеговина по усвојувањето на неуставните закони во Босна и Херцеговина, од ентитет на Република Српска.


Пртеходно, Собранието на Република Српска донесе закон со кој се забрануваат активностите на Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) на БиХ, Судот и обвинителството на БиХ и Високиот судски и обвинителски совет, кој е одговорен за именување на сите судии и обвинители во БиХ.


Уставниот суд на БиХ донесе привремена мерка и го запре спроведувањето на законот усвоен од Националното собрание на Република Српска на 27 февруари, ден откако претседателот на Република Српска Милорад Додик беше осуден со првостепена пресуда пред Судот на БиХ на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење функција.


Тој беше прогласен за виновен за непочитување на одлуките на високиот претставник Кристијан Шмит и потпишување декрет за прогласување закони што Шмит претходно ги поништи, со кои се обиде да го спречи спроведувањето на одлуките на Уставниот суд на БиХ и на високиот претставник на територијата на Република Српска.