ru24.pro
World News in Macedonian
Февраль
2025

Гаши: Брисел и пратениците се желни да помогнат во евроинтеграциите

0
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, се надева и посакува со новата влада на Бугарија да има поинтензивна комуникација за одблокирање на пристапниот процес на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ). Желба, тврди тој, има и во Брисел.


„Исто така и Брисел и сите пратеници се желни да ни помогнат во тој процес и многу се надевам и посакувам што побргу да го затвориме ова прашање, да ги започнеме преговорите и што побргу да станеме членка на ЕУ“, изјави Гаши на брифинг со новинарите.


Неговата изјава следува откако од вчера (27 февруари) во земјава се присутни европратеници кои се дел од Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија.




Тие овие два дена одржуваат состанок со пратениците во македонското Собрание, а Гаши вели дека главно прашање е членството на земјава во ЕУ.


„Знаете дека последната препрека ни се уставните измени односно да се најде еден вид гаранција односно да се сочува процесот како да пристапиме кон уставни измени, а во иднина да немаме покренување идентитетски прашања за кои сите се сложуваме дека се тешко решливи и се вон доменот на Копенхашките критериуми за членство во ЕУ“, вели Гаши.


Северна Македонија и Албанија во јули 2022 ги одржаа првите меѓувладини конференции со ЕУ во пристапните процеси за членство во ЕУ, но за Скопје да ја одржи и втората, односно да отвори поглавја, треба да ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот. Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ се залага за одложено дејство на уставните измени односно за гаранции дека во иднина ќе нема нови условувања.




Бугарија, пак, по политичката криза и седумте изборни процеси во изминатите четири години, во јануари доби Влада, а новиот шеф на дипломатија Георг Георгиев по средба со министерот за надворешна политика Тимчо Муцунски во Минхен месецов порача дека не е можно повторно преговарање на договореното.