ru24.pro
World News in Macedonian
Февраль
2025

Масовни демонстрации во Грција на втората годишнина од железничката несреќа во која загинаа 57 лица

0
Судири меѓу демонстрантите и полицијата се случија за време на 24-часовните демонстрации низ Грција, каде некои граѓани бараат кривично гонење на одговорните за железничката несреќа во земјата која се случи во февруари пред две години.


На втората годишнина од трагедијата, во која загинаа 57 лица, денеска (28 февруари) во Атина избувнаа немири откако демонстрантите им оддадоа почит на жртвите додека маскирани лица фрлаа камења и молотови коктели и упаднаа на барикадите пред зградата на Парламентот, на што полицијата одговори со употреба на солзавец, објави Ројтерс.


Меѓународните и домашните летови беа прекинати со штрајк на контролорите на летање кои им се придружија на морнарите, машиновозачите, лекарите, адвокатите и наставниците во еднодневниот генерален штрајк за да им оддадат почит на жртвите од несреќата. Фирмите и културните институции се затворени.


ГСЕЕ, најголемиот синдикат на приватниот сектор, повика на штрајк за, како што рече, да се спроведе владеењето на правото.




На 28 февруари 2023 година, патнички воз се судри со товарен воз во близина на клисурата Темпи во централна Грција, а неодамна објавените аудио снимки покажаа дека околу 30 патници кои го преживеале судирот потоа починале од задушување или изгореници.


Како што пренесува Ројтерс, две години подоцна, судската истрага не е завршена и никој не е осуден за несреќата.


Резултатите од истрагата, објавени на 27 февруари, покажаа дека седум лица загинале во пожар што избувна по сударот на возот.


Десничарската влада на премиерот Киријакос Мицотакис, која беше реизбрана по катастрофата во 2023 година, се соочува со критики од роднините на жртвите кои бараат парламентарна истрага за политичка одговорност.


Грчката влада ги негира нејзините неуспеси и наведува дека на судството е да ја истражи несреќата.


На денешните протести, многу ученици отидоа на училиште облечени во црно, како симбол на жалост, додека некои носеа црни балони.




Демонстрантите во Атина во црвено ги напишаа имињата на убиените пред зградата на Парламентот.


„Секојдневно чудовиштето на корумпираната моќ се појавува пред нас“, изјави пред насобраните во Атина Марија Каристијану, чија ќерка загина во железничката несреќа.


На еден од транспарентите што ги држеа демонстрантите во Атина пишуваше „Грција ги убива своите деца“.


Премиерот Мицотакис на 28 февруари најави дека владата ќе работи на модернизирање на железничката мрежа и ќе ја направи побезбедна.


Опозициските партии ја обвинија владата дека прикрива докази и ја повикаа да поднесе оставка.


Анкетата на Пулс покажа дека 66 отсто од грчките граѓани се незадоволни од истрагата за несреќата.


Ројтерс јавува дека парламентот се очекува следната недела да расправа за можното формирање комисија која ќе ја испита можната политичка одговорност за железничката несреќа.