ru24.pro
World News in Macedonian
Февраль
2025

Поранешен директор на затворот во Шутка и полицајци помагале затвореници да се шетаат на слобода

0
Обвинителството отвори предмет за десетмина затворски полицајци меѓу кои е и директорот на затворот во Шутка. Го сомничи дека како директор злоупотребувајќи ја својата службена должност, во период од март до јули 2024 им дал поволности на петмина осуденици и привремено ги ослободил, дозволил и наредил осудените кои биле од висок безбедносен ризик во повеќе наврати да добијат и да се стекнат со поволности што согласно судските одлуки не им следувале.


Исто така  биле издавани наредби со кои се дозволило осудените лица да бидат спроведени до нивните домови и до други локации за приватни потреби, иако во Постапката за спроведување вон установа јасно е наведено дека спроведувањето на лица лишени од слобода од казнено поправната установа се спроведува единствено до суд, здравствена установа или друг орган.


Начинот на кој ова се случувало бил кога осудениците доставувале молба до директорот кој со факсимил или потпис ги одобрувал молбите на осудените повремено да го напуштат затворот.


„Врз основа на потписот третопријавениот – командир на затворска полиција, кој бил задолжен за спровод, иако знаел дека таквиот вид на спровод е спротивен на закон и процедурите за спровод, изготвувал наредба за спровод на осудените лица која наредба била одобрена од првоосомничениот, а во неколку наврати тоа го сторил второосомничениот – затворски полицаец и личен возач на директорот. Одобрените наредби третоосомничениот ги предавал на останатите осомничени затворски полицајци, кои иако знаеле дека таков спровод на осудено лице е спротивен на законот и процедурите, го извршувале користејќи службени возила и службено гориво на установата и ги носеле осудените до определените места ослободувајќи ги да извршуваат приватни работи, а по 8 до 10 часа ги враќале назад во затворот. За извршената наредба на дел од осомничените затворски полицајци првоосомничениот им одобрувал прекувремени работни часови. Со ваквите противзаконски дејствија била предизвикана штета на Буџетот на РСМакедонија, за сметка на мала имотна корист за петмината осомничени“, се вели во соопштението од обвинителството.


Десетоосомничениот кој е затворски полицаец при вршење физички проверки за бројната состојба на затворените лица не пријавил дека одредена група на осудени лица сместени во импровизирани простории не се присутни, туку напротив, констатирал дека нема отсутни.




„Така, при ненајавен вонреден надзор од страна на Управата за извршување на санкции, било констатирано дека недостасуваат 11 осудени лица, а истите не биле пријавени дека не се присутни. Со непреземање на дејствија што му биле во надлежност, осомничениот сторил кривично дело „овозможување бегство на лице лишено од слобода“. За истото дело е осомничен и тогашниот директор на затворот кој бил должен да преземе соодветни мерки, во однос на просториите во кои биле сместени осудените лица, а кои не исполнувале законските услови. Со непреземање на дејствија и активности им овозможил на осудените лица да бидат сместени во импровизираните простории без посебен надзор како што налага Законот за извршување на санкции, со што создал и овозможил услови кои што довеле до нивно бегство“, пишуваат од обвинителството.


Јавниот обвинител бара мерки на претпазливост и тоа забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на осомничените да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган кој ќе го определи Судијата на претходна постапка, како и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница односно забрана за нејзино издавање, Забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица – осомничените во оваа постапка, како и Забрана за преземање на определени работни активности – затворски полицаец, а кои се поврзани со кривичното дело.