ru24.pro
World News in Macedonian
Февраль
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26
27
28

Една година затвор за Милорад Додик и шест години забрана за функција претседател на Република Српска

0
Судот на Босна и Херцеговина(БиХ) го осуди Милорад Додик, претседател на ентитетот на Република Српска во БиХ на затворска казна од една година, а му изрече и забрана за вршење на должноста претседател на Република Српска во период од шест години, од денот на правосилноста на пресудата.


Станува збор за првостепена пресуда против која постои можност за жалба.


На Додик му се судеше за непочитување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит.


Додик е обвинет за потпишување на претседателски декрети со кои се прогласени за валидни два неуставни закони на Република Српска - за неприменување на одлуките на Уставниот суд на БиХ и за неприменување на одлуките на високиот претставник на територијата на Република Српска - кои високиот претставник Кристијан Шмит претходно ги поништи.


Говорејќи по изрекувањето на пресудата, Милорад Додик рече дека е „осуден на нивниот затвор на една година“.



„Тие велат дека сум виновен. Нема причина за загриженост“, рече Додик на собирот за поддршка пред зградата на Народното собрание на Република Српска.




За објавување на указите на Додик му се судеше и на в.д. директорот на Службенот весник, Милош Лукиќ. Него судот го ослободи од обвиненијата.


Највисоките претставници во Република Српска најавија радикални одлуки доколку судот ги прогласи Додик и Лукиќ за виновни.


Притисоци имаше и одпретставници на властите на соседна Србија и на Унгарија.


Така, српскиот претседател Александар Вучиќ на 17 февруари во Будимпешта изјави дека се надева оти „во БиХ нема да бидат донесени пресуди кои би можеле да ја загрозат стабилноста“.


Два дена пред последното рочиште, унгарскиот премиер Виктор Орбан повика на „престанок на казнувањето на Додик“, кој заедно со целото раководство на РС е под санкции од САД и Европската Унија поради корупција и поткопување на БиХ.


Високиот претставник Кристијан Шмит, со Бонските овластувања, укина два закони за ентитетите на 1 јули 2023 година и воведе измени во Кривичниот законик на БиХ, со што неуспехот да се имплементираат одлуките на високиот претставник е кривично дело.


На 7 јули 2023 година, Додик потпиша декрети со кои овие закони се прогласени за валидни и тие беа објавени во Службен весник на РС.


Обвинителството на БиХ на 11 август поднесе обвинение против Додик и Лукиќ, а судот го потврди на 11 септември.