ru24.pro
World News in Macedonian
Февраль
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26
27
28

„Фридом хаус“: Северна Македонија останува делумно слободна земја

0
Северна Македонија и годинава останува делумно слободна земја, покажува последниот извештај на „Фридом хаус“ насловен „Слободата во светот 2025“.



Земјава, исто како и минатата година, има индекс на слобода од 67 од можни сто поени.


Рангирањето на „Фридом хаус“ е врз основа на два критериуми - политички права и граѓански слободи. Политичките права се оценети со индекс 28 од можни 40, а граѓанските слободи со 39 од 60 поени.



Во извештајот се наведува дека земјата продолжува да се бори со корупцијата, и додека медиумите и граѓанското општество учествуваат во енергичен јавен дискурс, новинарите и активистите се соочуваат со притисоци и заплашување.



Од државите во поширокиот регон, најдобро позиционирана е Словенија со индекс 96. Во групата слободни земји се и Грција (85), Хрватска (82) и Бугарија (77).


Во делумно слободни, пак, се Црна Гора(69), Албанија (68), Косово (60), Србија (56) и Босна и Херцеговина (52).


„Фридом хаус“ во извештајот оценува дека слободите ширум светот минатата година опаднаа, додека авторитарните режими ја зацврстија својата контрола, но дека е забележан значителен напредок во Јужна Азија.




Организацијата со седиште во Вашингтон посочи две земји како „слободни“ – Сенегал, каде опозицијата триумфираше откако беше поразен обидот на претседателот во заминување да ги одложи изборите и Бутан, хималајското кралство кое ја консолидираше транзицијата кон демократија со конкурентни избори.



Најголемо подобрување на оценката во индексот, кој ги следи и земјите и териториите, е во Кашмир под индиска управа, кој одржа избори за првпат откако националистичката влада во Њу Делхи го укина специјалниот статус на регионот со мнозинско муслиманско население во 2019 година.



Јана Гороховскаја, коавторка на извештајот, изјави дека слободите паѓаат на глобално ниво 19-та година по ред, но дека 2024 година била особено нестабилна поради големиот број избори.



„Големата слика е дека ова беше уште една година на истата траекторија на глобален пад на слободата, но поради сите избори, таа беше подинамична од претходните години“, рече Гороховскаја.


Ретка светла точка на Блискиот Исток е Јордан, кој беше надграден од „неслободен“ во „делумно слободен“. „Фридом хаус“ укажа на реформите што овозможија поконкурентни избори во кралството.


Од друга страна, четири земји беа деградирани од „делумно слободни“ во „неслободни“ – Кувајт, Нигер, Танзанија и Тајланд.


„Фридом хаус“ е меѓународна организација, со седиште во Соединетите Американски Држави(САД), која ја документира состојбата со човековите права и слободи во светот.


Во своите извештаи секоја година ја проценува состојбата на слобода во 195 земји и 15 територии и ги рангира врз основа на различни индикатори.