ru24.pro
World News in Macedonian
Февраль
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26
27
28

За 20 години, тројца лекари трајно останале без лиценца

0
Во регистерот на Лекарската комора во моментот се евидентирани 9.900 активни лиценци. Од Комората сепак, велат дека очекуваат бројот да се зголеми со оглед на фактот дека деновиве се полага државен испит.


Лекарската комора денеска (25 февруари) одбележа 20 години од добивањето овластувања да организира полагање на стручен испит, да издава лиценци за работа и да акретитира настани од континуирана медицинска едукација. На одбележувањето на 20-годишниот јубилеј, Комората додели нови лиценци за работа на доктори на медицина.


Претседателката на Комората, д-р Калина Гривчева Старделова рече дека првото лиценцирање во нашата држава било одобрено во 2004 година и се прави во циклуси на секои седум години.


„Од првата до наредната треба да се има четири години работа со пациенти во континуитет и 20 бода годишно, значи дека тие доктори биле на некаква медицинска едукација. Годинава обновуваме лиценци на оние што почнале од први, на 1.500 лекари“, појасни Калина Гривчева Старделова.




Но, покрај издадените лиценци, во изминатите 20 години, по судска одлука тројца лекари трајно останале без лиценци, а кај двајца биле привремено одземени. Најчеста причина за одземањето, според претседатлката на Лекарската комора, било поради утврдена лекарска грешка.


Таа наведе дека важењето на лиценците им престанало на 3.384 лекари, по различни основи.


„Да одземете на некого лиценца тоа значи дека не може никогаш повеќе да работи. Мора да има добра причина за тоа, нашиот Закон кажува дека судската пресуда докажува дека настанале смртни последици од недобро работење на доктор и дека тој не треба да ја работи таа дејност. Постои опција и министер да побара одземање лиценца на доктор од оправдани причини за тоа. Кога добиваме судска пресуда или барање од министер ја свикуваме етичката комисија и таа го проследува до судот во честа“, истакна Гривчева Старделова.


Во однос на тоа колку лекари ја напуштиле државата и колку се вратиле повторно назад, појасни дека во регистерот на Комората влегуваат само оние доктори кои положиле државен испит.


„Тие имаат обврска да пријават промена на работно место, телефон, меил адреси, но за жал тие што не положиле државен испит не се во нашиот регистер (тоа се добар дел од колегите кои си одат од државата), немаат обврска да пријават дали одат за стално“, рече Гривчева Старделова, нагласувајќи дека има и такви кои се враќаат повторно во државата но во помал број.