ru24.pro
World News in Macedonian
Февраль
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22
23
24
25
26
27
28

Давкова: Химната не треба да се менува

0
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова смета дека химната на државата не треба да се менува и се плаши „да не влеземе во нови страсни конфликти“ со промена на државните симболи.


Ова го изјави за време на нејзината денешна (21 февруари) посета на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).


Оваа изјава доаѓа по минатонеделната потврда на премиерот Христијан Мицкоски дека со коалицискиот партнер ВРЕДИ разговараат за промена на државниот грб, како и по изјавата на вицепремиерот Изет Меџити дека може да се разговара и за промена на химната.


„Апсолутно мислам дека нема потреба од промена на химната. Химната никогаш не одразува сегашност, секогаш одразува историска меморија, генеза. И ние немаме право, замислете јас не сум чула да менуваат луѓе дури и, ако се сеќавате, во рамките на ЕУ, во обидот да се донесе Уставот во 2005 на ЕУ, беше предвидена химна. Не дојде до тоа. Значи целата историја сите народи низ историјата креирале песни или химни коишто се најважниот државен симбол впрочем и затоа незнам колку знаете, текстовите на химните во најголемиот број држави се во Уставот“, рече претседателката.


Таа посочи и дека знамето и грбот во некои држави се опишани во Уставот.


„Имам само една дилема околу моментот на отворањето на прашањето. Не негирам дека низ историјата најприсутен симбол бил црвениот лав на златна заднина. Но, мојата дилема е следната – секогаш кога почнуваме да разговараме за вакви етнички прашања, симболи, со таква страст го правиме тоа, што не ни останува време за соочување со вистинските дилеми. Ако денеска зборуваме за драматични промени, треба ние да се адаптираме на драматичните промени“, рече претседателката.


Претседателката додаде дека се плаши да не влеземе во нови страсни конфликти, а „симболите би требало да обединуваат, не да разединуваат“.




Претседателот на МАНУ, академикот Живко Попов, смета дека во овој момент менувањето на државните симболи не треба да биде најактуелно прашање, бидејќи земјата се соочува со многу други круцијални прашања.


Претседателот на Владата Христијан Мицкоски на 12 февруари рече дека партиите од владејачката коалиција, ВМРО-ДПМНЕ и Вреди, го отвориле прашањето за промена на државниот грб.


Но, една недела подоцна вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити изјави дека не се водат преговори во однос на химната и грбот, но и дека нема ни табу теми. Тој во интервју за емисијата „Дијалог во Лајм“ изјави дека ако се отвори темата за промена на грбот како остаток од комунистичкото минато, тогаш треба да се разгледа и промена на химната, велејќи дека „може да биде химна само со музика, без текст, или текстот може да биде изменет“.