ru24.pro
World News in Macedonian
Февраль
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22
23
24
25
26
27
28

Мицкоски по трет пат во Вашингтон за шест месеци

0
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски во рамките на посетата на Вашингтон, е дел од годишната Конференција за конзервативна политичка акција. Тој на 20 февруари се сретна со Фред Кемпе, претседател и извршен директор на Атлантскиот совет. 


„Разговаравме за актуелните геополитички предизвици, улогата на Македонија во евроатлантските интеграции и можностите за продлабочување на соработката во иднина. Средбата претставуваше одлична можност за размена на ставови и идеи со еден од водечките експерти за меѓународни односи“, напиша Мицкоски на својот профил на социјалната мрежа Х.


На тридневниот состанок на конзервативците, како што објави Гласот на Америка, ќе се обратат американскиот претседател Доналд Трамп и политичари од Аргентина, Велика Британија, Полска и Италија.



Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс ја води Конференцијата за конзервативна политичка акција, а другите сесии ќе вклучуваат дискусии за криптовалутите и мирот на Блискиoт Исток, како и панел со роднини на заложниците кои се држат во Газа.



Покрај претседателот на Претставничкиот дом на САД Мајк Џонсон, на агендата за говори се и поранешната британска премиерка Лиз Трас , словачкиот премиер Роберт Фицо, аргентинскиот претседател Хавиер Милеи и италијанската премиерка Џорџа Мелони.



Претседателот на македонската Влада, Мицкоски, кој во Вашингтон е придружуван од шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, синоќа имал средба со Александар Касаноф, заменик помошник секретар за Западен Балкан во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот, на која станало збор состојбата во државата, за европските интеграции и препреките со кои се соочува земјава на тој план, како и за реформската посветеност на Владата и фокусот на клучните области.



Станало збор и за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, со посебен акцент на регионалната безбедност, економската соработка, доброто владеење и демократијата.



На средбата заеднички е потврден интересот за одржување континуитет во политичкиот дијалог и зацврстување на билатералните односи помеѓу двете земји, преку засилена комуникација и институционална соработка, продолжување на активностите во рамки на Стратешкиот дијалог, како и преку продлабочена соработка и партнерство во рамки на НАТО алијансата.


Американската амбасадорка Агелер вчера констатираше дека македонскиот премиер за кратко време по трет пат е во САД што е доказ за тоа дека Македонија сака да ги зацврсти односите со стратешкиот партнер.


„Вашингтон не дава гаранции за патот кон Европската Унија, бидејќи ние не сме членка на Европската Унијата. Мислам дека за тоа се водат и се воделе разговори со високите претставници на ЕУ, но воодушевена сум што премиерот и членовите на неговиот кабинет се во Вашингтон, тоа е важна врска. Фактот што тој е неколку пати таму, откако ја презема неговата позиција како премиер, исто како и многу други министри, само зборува за близината на нашите односи и на многу начини покажува дека ние како САД и Северна Македонија билатерално може да соработуваме. Очекувам дека таа соработка да биде зајакната“, изјави Агелер.