ru24.pro
World News in Macedonian
Февраль
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28

Видео надзор не само на булеварите, туку и на игралиштата, бара Герасимовски

0
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, информира дека на вчерашната заедничка обиколка со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски се отворила темата за поставување камери во општините за да се намали уништувањето на спортските и детските игралишта.


„Со министерот разговаравме да се разгледа можноста преку Безбеден град, покрај поставување камери на булеварите, да се постават камери на детски и спортски игралишта. За ова, дополнително ќе се разговара да се види дали има можност тоа да го преземе министерството или ние да си преземеме одредени финансиски трошоци како општини и самоиницијативно да ги поставиме тие камери на одредени локации“, рече Герасимовски во изјава за ТВ Сител.




Претходно, иницијативата на Општина Центар за меѓуинституционална соработка и воведување општокорисна работа за малолетни сторители на вандализам со цел подигнување на свеста кај младите за чување на јавното добро, беше едногласно прифатена од ЗЕЛС, асоцијација во која членуваат сите општини во државата и градот Скопје. 


Иницијативата предвидува измени на Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата, со цел воведување општокорисна работа како мерка која ќе спречи вандализам и ќе придонесе кон ресоцијализација на малолетниците.


Дополнително, се предлага и разгледување измени во Законот за семејство и Законот за извршување на санкции, за да се обезбеди правна рамка која ќе ја вклучи и одговорноста на родителите преку заедничка општокорисна работа.