ru24.pro
World News in Macedonian
Февраль
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19
20
21
22
23
24
25
26
27
28

Георгиев до Муцунски: Невозможно е репреговарање на договори зад кои стои ЕУ

0
Добрососедските односи се хоризонтален критериум во процесот на евроинтеграциите и без нив не е можно да се постигне членство во ЕУ. Тоа бара доверба, отворен дијалог, предвидливост и исполнување на обврските, му посочил шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев на македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на средбата во Минхен, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи. 


„Вклучувањето на Бугарите, рамноправно со другите народи, во Уставот на Република Северна Македонија е само првиот чекор, чија реализација ќе му овозможи на Скопје да ги започне преговорите за членство. Георгиев беше категоричен дека не е можно повторно преговарање или заобиколување на постигнатите договори зад кои стои цела ЕУ“, соопшти бугарското МНР.


Според македонското Министерство за надворешни работи, на средбата се зборувало за билатералните разлики, блокадата на европскиот пат на државата од страна на Бугарија и положбата на македонското малцинство во Бугарија. 




Според соопштението на бугарското министерство за надворешни работи, ставот на Бугарија во однос на европската интеграција на Република Северна Македонија е јасен и конзистентен, односно дека европскиот компромис од 2022 година вклучува низа мерки кои чекаат на целосно спроведување, а тоа е единствениот пат кон напредок.


Македонското Министерство соопшти дека Муцунски на средбата изразил жалење што, наместо развој на добрососедската политика, односите меѓу двете земји остануваат оптоварени со билатерални спорови, кои, како што е наведено во соопштението,  станаа непринципиелна пречка на македонскиот евроинтеграциски процес.


„Притоа, сите отворени прашања треба да се решаваат одговорно, преку дијалог и со заемна почит и разбирање, бидејќи добрососедските односи, покрај другото, подразбираат и поддршка за европските интеграции како стратешка определба на државата“, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.


Во него е наведено дека Министерот Муцунски на средбата го отворил и прашањето за почитување на правата и слободите на припадниците на македонското малцинство во Бугарија и ја нагласил потребата од спроведување на одлуките на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).


Ова е прва средба на двајцата министери за надворешни работи откако во Бугарија е избрана нова политичка Влада. Откако на 16 јануари беше избрана новата Влада во Бугарија, македонското прашање не се спомна во јавноста, освен во една прилика при средбата на новиот премиер Росен Жељазков по средбата со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.


Инаку, македонско–бугарските односи се нарушени по бугарско вето за старт на преговорите на Северна Македонија за влез во ЕУ, а двете земји во 2022 со усвојување на францускиот предлог се согласија Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ откако ќе го измени Уставот и ќе ги вметне Бугарите во Преамбулата.


Македонската Влада бара од гаранција од западните партнери дека нема да следуваат нови услови во текот на преговорите од Бугарија. Премиерот Христијан Мицкоски бара одложено дејство на уставните измени со кои бугарската заедница би влегла во македонската Преамбула на уставот. Тоа значи дека бара, примената на уставните измени да стапи во сила, откако земјава ќе ги заврши преговорите со Европската Унија.