ru24.pro
World News in Macedonian
Февраль
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15
16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28

Лекот „клексан“ ќе се подигнува со рецепт во аптека

0
Наместо да се бара рефундација, антикоагулансот „клексан“ ќе може да се подигне на рецепт во аптеките, најави директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски.


„Прв приоритет ни е префрлањето на антикоагулансите, особено „клексан“, кој веќе е на болничката листа. Наместо пациентите да чекаат рефундација, ќе можат директно да го подигнат на рецепт. Очекуваме штом Комисијата почне со работа и правилниците бидат усогласени, оваа промена да стане реалност“, рече Клековски.


Како што посочи Клековски, побарани се две измени во правилникот, односно да се овозможи преместување на лекови од болничката на аптекарската позитивна листа, како и Фондот да добие право за преговарање на цените на лековите кои се субвенционирани. 


„Позитивната листа претставува форма на субвенција за одредени лекови. Сметаме дека кога државата веќе ги субвенционира, треба да имаме право да преговараме за нивната цена, а не да ја прифаќаме автоматски големопродажната цена. Забележавме дека со претходното зголемување на позитивната листа сите производители ги користеа максималните дозволени цени“, рече Клековски.




Додаде дека лековите кои се на позитивната листа треба да бидат достапни по пониска цена, со цел субвенциите да имаат реален ефект.


Од  16 септември лани, граѓаните од аптеките бесплатно ги земат новите девет лекови со кои беше проширена поитивната листа, по дури десет години од последното ажурирање, кога беше збогатена со само еден лек. На листата беа додадени лекови за крвен притисок, за срцеви заболувања, анти-агреганси, лекови за третман на депресија и за деменција.


Ставањето нови лекови на позитивната листа во пракса значи дека пациентите ќе добиваат посовремени и поевтини лекови на рецепт, на товар на државата, наместо да ги купуваат од џеб и поскапо, а често и од други држави. Затоа што листата не беше ажурирана повеќе од една деценија, граѓаните добиваат застарени лекови иако постојат нови и поефикасни за нивната болест.