ru24.pro
World News in Macedonian
Февраль
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13
14
15
16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28

Уставен суд: Собранието има шест месеци да ги корегира измените во КЗ

0
Уставниот суд одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста на измените на Кривичниот законик.


Судот изразил сериозен сомнеж за уставноста на оспорениот закон во целина и донел одлука да му наложи на Собранието во рок од шест месеци да ги направи неопходните измени и да се усогласи со аргументите на Судот, изјави денеска (12 февруари) претседателот на Судот, Дарко Костадиновски.


Доколку Собранието не го стори тоа, ќе следува укинувачка или поништувачка одлука од Уставниот суд, најави тој.


Одлуката следува по денешната седница на која Уставниот суд расправаше за иницијативата за измените на Кривичниот законик од септември 2023 година, кои вклучуваа намалување на казните за функционерите, што предизвика реакции и спротивставени мислења за уставноста на законот.


Мнозинството од судиите на седницата посочија дека треба да се поведе постапка бидејќи законот е штетен и има далекусежни последици, но дел од нив тврдеа дека не е во надлежност на Уставниот суд да одлучува за постапката на донесувањето на законот во Собранието.


Судијата известител, Елизабета Дуковска, образложувајќи го рефератот на почетокот од втората седница на Уставен суд, денеска посочи дека наводите на подносителот се неосновани и предложи судот да ја отфрли иницијативата, поднесена од претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов.




Во иницијативата е наведено дека со измените една категорија граѓани се привилегирани, наспроти правосилно осудените лица кои добиваат дискриминаторски третман и за нив не важи намалувањето на казните.


Измените и дополнувањата донесени во септември 2023 предизвикаа реакции во јавноста, кај правната фела и Европската комисија, бидејќи се однесуваат на членови што ги „ублажуваат“ казните кои тангираат функционери, службени и одговорни лица во јавни претпријатија и установи, а беа донесени за два дена, односно по скратена постапка и со европско знаменце.


Предложените законски измени беа изгласани во Парламентот со 48 гласови „за“, 36 „против“ и еден воздржан, по што беа потпишани од тогашниот претседател Стево Пендаровски.


Негативни реакции во јавноста предизвикаа измените на членовите кои се однесуваа на злоупотреба на службената положба и овластувања и злосторничкото здружување.


Пратениците со изгласувањето на измените ги намалија пропишаните казни за двете кривични дела, воведоа горна граница на максималната казна, а укинаа и еден став од членот за злоупотреба на службената положба и овластувања, со тоа предвидоа и порано застарување на делата.


Од власта, донесувањето на измените и дополнувањата на Кривичниот законик со европско знаменце го правдаа дека е заради усогласување со директивите на Европската Унија, додека за опозицијата, тоа беше обид за амнестија на актуелните функционери во случај на промена на власта.


Во меѓувреме, Министерството за правда работи на нови измени за отстранување на штетните последици од измените од 2023 година и очекува новиот Кривичен законик да биде донесен во 2025 година. Новиот закон ќе се фокусира на унапредување на санкциите за тежок криминал и корупција, како и на заштита на човековите права.