ru24.pro
World News in Macedonian
Февраль
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11
12
13
14
15
16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28

Пезешкијан го обвини Трамп дека сака да ја „фрли земјата на колена“

0
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан го обвини својот американски колега Доналд Трамп во дека сака да ја „фрли Исламската Република на колена“, за време на говорот по повод 46-годишнината од револуцијата со која беше соборена монархијата Пахлави.


„Трамп вели дека сака да разговара (со Иран), а потоа ги потпишува сите заговори во меморандумот за да ја фрли нашата револуција на колена“, рече Пезешкијан, мислејќи на текстот потпишан од американскиот претседател минатата недела, кој предвидува нови санкции за Иран.


Во 2015 година, Иран склучи договор во Виена со Франција, Германија, Велика Британија, Кина, Русија и САД за регулирање на својата нуклеарна програма. За возврат, текстот предвидуваше намалување на меѓународните санкции кон Техеран.


Сепак, во 2018 година, Трамп еднострано ја повлече својата земја од договорот и повторно воведе строги санкции кон Иран.


Како одговор, Техеран ги зголеми резервите на ураниум збогатен на 60 отсто, додека 90 отсто се потребни за производство на атомско оружје.




Иран го брани своето право на нуклеарна енергија за цивилни цели, особено за енергетски цели, но негира дека сака да изгради атомска бомба, додека западните земји се сомневаат во тоа, пишува АФП.


На 4 февруари, Трамп потпиша наредба за обновување на неговата политика на „максимален економски притисок“ врз Иран со цел да му наштети на неговиот извоз на нафта и да ја забави неговата нуклеарна програма.


Тој, исто така, им наложи на Министерството за финансии и на Стејт департментот да спроведат кампања насочена кон „сведување на иранскиот извоз на нафта на нула“.


Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси во декември изјави дека Иран „драматично“ го забрзува збогатувањето ураниум до 60 проценти чистота, што е блиску до нивото од околу 90 проценти потребни за производство на нуклеарно оружје.