ru24.pro
World News in Macedonian
Февраль
2025
1 2 3 4 5
6
7
8
9
10
11
12
13
14
15
16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28

Пукање во училиште за возрасни во Шведска, убиени десет лица

0
Околу десет лица се убиени во пукање во училиштето за возрасни во Оребро во централна Шведска, соопшти полицијата, додавајќи дека работи на нивно идентификување. Меѓу нив е и напаѓачот.


На прашањето на новинарите дали напаѓачот се самоубил, началникот на локалната полиција во Оребро рече дека нема информации за тоа.


Полицијата соопшти дека 35-годишниот напаѓач не ѝ е познат на полицијата и дека дејствувал сам, иако не е исклучено дека имал соучесници во нападот во овој град на 200 километри западно од Стокхолм.


Мотивот за овој страшен настан не е познат, тврди директорот на градската полиција Роберто Еид Форест, но се чини дека не станува збор за тероризам или за организиран криминал.




На прес-конференцијата претходно во текот на денот, полицијата соопшти дека добила дојава за пукање во училиштето за возрасни Рисберг во 12:33 часот. Неколку минути подоцна пристигна информација за пожар во истото училиште.


Пет лица се пренесени во болница, соопштија општинските власти. Четворица од нив се оперирани. Двајца се стабилни, еден е тешко повреден, а еден полесно.


Локалните власти ги повикаа граѓаните да контактираат со нив за да дознаат дали меѓу повредените има некој од нивните најблиски. Тие објавија и страници за поддршка во кризни ситуации.


Шведскиот премиер Улф Кристерсон рече дека станува збор за ужасен чин на насилство и дека неговите мисли се со погодените и нивните семејства.


„Ова е многу болен ден за цела Шведска. Моите мисли се и со оние чијшто вообичаениот училишен ден е заменет со терор. Да се биде затворен во училница во страв за својот живот е ноќна мора која никој не треба да ја доживее. Владата е во близок контакт со полицијата. Операцијата се уште е во тек и важно е јавноста да ги следи информациите што ги дава полицијата“, рече шведскиот премиер.


Училиштето, наречено Кампус Рисберг, обезбедува образование за ученици на возраст над 20 години, според неговата веб-страница. Понудата вклучува курсеви за основно и средно образование, како и часови по шведски јазик за имигранти, како и стручно оспособување и програми за лица со интелектуална попреченост.


Оребро е град со околу 155.000 жители.




Нападите на училиштата се релативно ретки во Шведска, каде во последниве години има пукотници и бомбашки напади поврзани со насилство на бандите кои убиваат десетици луѓе секоја година.


Иако нападите врз училиштата се ретки, во последните години се случија неколку сериозни инциденти.


Во март 2022 година, 18-годишен ученик избоде до смрт двајца наставници во средно училиште во јужниот град Малме.


Два месеци претходно, 16-годишник беше уапсен откако избоде друг ученик и наставник во училиште во малиот град Кристијанштад.


Во октомври 2015 година, три лица беа убиени во расистички мотивиран напад во училиште во западниот град Тролхетен од напаѓач со меч, кој подоцна беше убиен од полицијата.