ru24.pro
World News in Macedonian
Январь
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30
31

ЗНМ: Неприфатливи се политички калкулации при изборот на членови во АВМУ

0
За Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) неприфатливи се политички калкулации при изборот на нови членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).


Оттаму изразија загриженост откако претходно во текот на денот (29 јануари) собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата утврди предлог-одлука за избор на нови членови на АВМУ.


„Загрижува фактот што дел од избраните кандидати на кои им беше дадена можност да учествуваат на јавната расправа не ги исполнуваат ниту формалните услови според објавениот оглас. Воедно проблематична е и партиската заднина на дел од кандидатите што се предлагаат за гласање во Собранието. Во исто време не се земени предвид кандидати кои имаа извонредно професионално портфолио“, реагираат од ЗНМ.




Од Здружението забележуваат и оти на седницата на собраниската Комисија изостанале транспарентност во изборот на кандидатите, јасни критериуми и соодветно бодување.


„Ваквиот начин на избор отвори простор за сомневања дека при изборот на кандидатите собранието се води од политички договори и компромиси, а не избира според професионални критериуми, како што треба да биде при избор на членови на независно регулаторно тело како што е АВМУ“, велат од ЗНМ.


Оттаму потсетуваат дека АВМУ редовно е под лупа и на Европската комисија и на други кредибилни организации како што се Репортери без граници и Фридом Хаус, а исто така апелираат и до пратениците „да покажат одговорност при изборот имајќи предвид дека нивните одлуки директно влијаат врз слободата и плурализмот на медиумите“.


Во трка за седумте места во АВМУ беа 22 кандидати. Од нив, пратениците во Комисијата за прашања на изборите и именувањата одбраа седуммина кои официјално треба да бидат потврдени со гласање на пленарна седница.


Тројца од кандидатите ги предложи ВМРО-ДПМНЕ и тие беа изгласани со 10 гласа „за“. Станува збор за кандидатите: Виктор Павловски дипломиран инженер по производна информатика, Сашо Стефановски кој дипломирал филмска уметност и ТВ снимател и Петар Џуровски кој е дипломиран филмски и ТВ монтажер.


На предлог на ЗНАМ – коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, беше изгласана новинарката Цветанка Миновска.


Третиот коалициски партнер во власта, коалицијата ВРЕДИ (ВЛЕН), пак, предложи две кандидатки кои добија мнозинство гласови: Афрона Врзиволи и Нафије Селмани.


Седмиот член дојде по предлог на СДСМ. Првично, социјалдемократите го предложија кандидатот Арбен Саити, но тој само не доби поддршка од пратениците, по што од опозициската партија дадоа нов предлог – Гордана Мајнова, која го доби потребното мнозинство.




Пратеничката од опозицискиот Европски фронт, Илире Даути обвини за партизација на Советот на АВМУ и заедно со останатите пратеници од коалицијата ја напуштија седницата.


Од оваа опозициска коалиција, претходно реагираа на неколку кандидати, меѓу кои и на Врзиволи и Селмани, кои денеска по предлог на ВРЕДИ добија „зелено светло“ од собраниската Комисија.


Верзиволи беше прозивана како партиски кадар бидејќи нејзиниот сопруг, според медиумските извештаи, е на чело на партиски огранок на Алијанса за Албанците. Таа претходно беше назначена за главна ревизорка на ИПА фондовите, но по реакциите дека таа воопшто нема лиценца, Владата ја разреши.


Реакциите за Селмани, пак, беа бидејќи таа е советничка во Општина Чаир, а до 2021 година била дел и од претседателството на партијата Алтернатива – дел од коалицијата „Вреди“ (ВЛЕН).


Ова е трет обид да се изберат нови членови на Советот на АВМУ. На конкурсот првично се пријавија 31 кандидат. Во меѓувреме еден се откажа, а шестмина беа дисквалификувани зашто не донеле уверение за државјанство. Останаа само 24, но непосредно пред првата седницата на собраниската Комисија на 13 ноември кога се претставуваа кандидатите, од Собранието стигна вест дека двајца се откажеле: Миле Бошњаковски и Виктор Грозданов.




Грозданов потоа во изјава за медиумите демантираше дека се повлекол и дека имал таква намера туку, рече, воопшто не добил покана за седницата во парламентот.


Актуелниот состав на Советот на АВМУ почна со работа на средината на 2014, а мандатот требаше да му трае седум години. Но, поради политички блокади во Собранието тој се пролонгираше до изборот на нови членови. Мандатот ќе му заврши кога предлогот од седумте кандидати, усвоен денеска, ќе биде изгласан на пленарна седница на парламентот.