ru24.pro
World News in Macedonian
Январь
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30
31

Ќе стави ли крај на студентските протести оставката на српскиот премиер Вучевиќ?

0
Оставката на српскиот премиер Милош Вучевиќ можеби не е доволна за ставање крај на студентските протести што ја потресоа балканската земја по катастрофата на железничка станица во ноември кога загинаа 15 лица.


Ситуацијата е таква и покрај тоа што оставката на Вучевиќ беше меѓу првичните барања на демонстрантите. Нивната позиција се развиваше во текот на неколкумесечните протести кои започнаа откако се урна бетонската настрешницата на железничката станица во северниот српски град Нови Сад.


Најпрво демонстрантите повикаа да си заминат и Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ кој исто така на 28 јануари поднесе оставка од функцијата.


Оставките доаѓаат по изјавите на претседателот Александар Вучиќ на 27 јануари, во кој рече дека сите барања на студентите ќе бидат исполнети. Се чинеше дека Вучиќ се обидува да ја смири ситуацијата додека протестите се прошируваа на национално ниво.




Во текот на ноќта, демонстрантите беа поддржани од земјоделците кои користеа трактори за да ги блокираа главните патишта низ главниот град Белград. Гневот за смртните случаи прерасна во поголеми незадоволства.


Демонстрантите рекоа дека не ги интересира политика и дека не ги гледаат оставките како суштинско прашање. Наместо тоа, тие велат дека сакаат српските институции да работат како што треба.


„Ние би сакале да живееме во земја во која секоја институција едноставно ја врши својата работа независно, без корупција или надворешен притисок“, рече студентката Јана Ломиќ за РСЕ на една од блокадите во текот на ноќта.


Многу студенти кампуваа во шатори.




Тие имаат поддршка од српските опозициски партии. Неделава беше најавено дека владата на 29 јануари ќе поднесе иницијатива за гласање доверба во парламентот. Опозицијата рече дека ова е старо барање и дека ги поддржуваат позициите на студентите.


Има четири главни барања: објавување на сите документи кои ја покриваат реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад поради загриженоста за корупција, отфрлање на обвиненијата против студентите уапсени за време на првичните протести, обвиненија против луѓето кои ги нападнаа студентите кои протестираа и 20 проценти зголемување на владиното финансирање на државните универзитети.


Владата во декември го одобри зголемувањето на буџетот за 2025 година од 20 проценти.




Вучиќ рече дека сите документи во врска со реконструкцијата на железничката станица се објавени во јавноста. Но, тој го тврдеше ова и претходно, а тоа е оспорено од некои демонстранти.


„Секогаш сме отворени за некаков облик на преговори и соработка, но не сакаме некој да си игра со нас и јасно е дека тоа се случува веќе два месеци“, изјави Никола Мутавџиќ, студент на Правниот факултет кој учествуваше во 24-часовната сообраќајна блокада во Белград на 27 јануари.


Вучиќ, исто така, рече дека обвиненијата против демонстрантите ќе бидат отфрлени и дека 37 лица се соочуваат со кривична постапка за напади врз студенти.


Не е јасно дали сите обвиненија ќе бидат отфрлени и дали ќе бидат обвинети сите наводни напаѓачи.




Студентското движење нема поставено лидери. Тие своите одлуки ги носат со гласање.


Исто така, не е јасно што и дали нешто ќе се случи во парламентот на 29 јануари. Гласањето за доверба на владата, откако премиерот веќе поднесе оставка се чини ирелевантно, што исто така веројатно нема да го смири гневот на јавноста.


„Со оставката на премиерот паѓа целиот кабинет, така што практично гледано, целата влада поднесува оставка“, рече Вучевиќ на 28 јануари.


Владата треба да се состане вечерта на 28 јануари. Според српскиот Устав, таа ќе остане на функција до 30 дена додека парламентот не ја одобри новата влада. Доколку тоа не се случи, Вучиќ мора да распише нови парламентарни избори.


Опозициските партии побараа да се формира привремена влада, на што се противи владејачката Српска напредна партија на Вучиќ.