ru24.pro
World News in Macedonian
Январь
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30
31

Тензиите растат, САД и Талибанците разменуваат закани

0
Тензиите меѓу Вашингтон и талибанските лидери во Авганистан се зголемуваат недела дена откако претседателот Доналд Трамп се врати во Белата куќа, пишува редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик.


Државниот секретар Марко Рубио на 25 јануари се закани дека ќе понуди награда за талибанските лидери доколку САД утврдат дека групата затворила американски граѓани.


„Само што слушнав дека талибанците држат повеќе американски заложници отколку што беше објавено. Ако ова е вистина, ќе треба веднаш да им дадеме МНОГУ ГОЛЕМА награда за нивните главни лидери, можеби дури и поголема од онаа што ја имавме за (лидерот на Ал Каеда), Осама Бин Ладен“, напиша Рубио на платформата X.


Сираџудин Хакани, вршител на должноста министер за внатрешни работи на Талибанците, моментално е единствениот висок член на групата на листата на најбарани на ФБИ. Сепак, десетици талибански претставници се санкционирани од Обединетите нации.


Рубио ја даде оваа изјава неколку дена откако талибанците ослободија двајца Американци во замена за еден талибански припадник кој отслужуваше доживотна затворска казна во САД под обвинение за дрога и тероризам.


Првиот официјален одговор на Талибанците на изјавата на Рубио дојде денеска (27 јануари), кога Сухаил Шахин, амбасадор на групата во Катар, изјави дека политиката на талибанците е да ги решаваат проблемите по мирен пат преку дијалог.


Сепак, тој во изјава за Радио Азади на РСЕ предупреди: „соочени со притисок и агресија, џихадот (борбата) на авганистанската нација во последните децении е лекција од која секој треба да учи“.


Талибанците се бореа против трупите на САД и НАТО речиси 20 години, додека не ја презедоа власта во 2021 година по хаотичното и крваво повлекување на странските сили.




Во извештајот на американското Министерство за одбрана од 2022 година се наведува дека воена опрема вредна околу 7 милијарди долари  била оставена во Авганистан за време на повлекувањето, која потоа била запленета од Талибанците.


Пред инаугурација на 20 јануари, американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека доколку Талибанците не ја вратат американската воена опрема, тој ќе ја прекине идната финансиска помош за Авганистан.


Талибанците јавно не му одговорија на Трамп, но извор за Радио Азади рече дека групата „нема да врати ниту еден куршум во САД“.


Од повлекувањето на странските сили, Соединетите Држави насочија околу 3 милијарди долари преку Обединетите нации и невладините организации за помош на хуманитарните програми во Авганистан.