ru24.pro
World News in Macedonian
Январь
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26
27
28
29
30
31

Почна судењето на Мерко за спомен плочата, тој се изјасни за невин

0
Во Основниот суд во Струга денеска (24 јануари) почна главната расправата во судскиот процес против градоначалникот Рамиз Мерко за поставувањето спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда.


Ова е една од неколкуте судски постапки што се водат против Мерко кој од јуни 2023 година е и на „црната листа“ на САД поради вмешаност во корупција.


Во случајот со спомен плочата, тој се товари дека во март годинава ја поставил на влезот на зградата и со тоа, според обвинителството, поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга.


На стартот на судењето, Мерко се изјасни дека не се чувствува виновен, пренесе државната агенција МИА.


Како сведок, пак, денеска беше сослушан и актуелниот заменик-министер за правда, Ален Деребан, кој е поранешен советник во Општина Струга. Според него, плочата предизвикала етнички раздор и нетрпеливост кај населението поради, како што рече, содржината, која го слави периодот кога Струга била под фашистичка окупација.




А, спорно според него е и што плочата била поставена без одлука на Советот.


„Поставувањето на плочата предизвика етнички раздор и нетрпеливост во Општина Струга, затоа што со содржината се слави периодот кога Струга и западниот дел од Македонија бил под фашистичка окупација од Италија. Очекувам дека судот врз основа на доказите ќе донесе осудителна пресуда, со којашто во иднина ќе се спречи оваа пракса за поставување на спомен плочи и спомен обележја од контроверзни личности од историјата со кои се задира во Уставниот поредок на Република Македонија“, изјави Деребан по давањето исказ пред судот.


За поставената плоча на општинската зграда во Струга, пред десеттина дена Комисијата за заштита од дискриминација утврди дека Мерко со своите постапки предизвикал продолжено вознемирување кај жителите на овој град.


Судскиот процес за овој случај ќе продолжи на 5 март со сослушување на други сведоци.


Претходно во текот на денот, судот го одложи рочиштето за набавката на луксузниот автомобил „ауди“, каде исто така обвинет е Мерко. Овој случај почна од почеток поради промената на судечкиот судија.




Исто така, денеска се одржаа расправи и во два други предмети каде Мерко се товари за незаконско поставување директори во четири основни училишта на територијата на Општина Струга. Во еден од овие случаи споени се обвиненијата за училиштата во Лабуништа, Радолишта Подгорци и „Браќа Миладиновци“ во Струга, додека за училиштето во Велешта се води одвоен предмет.


На рочиштата за овие предмети, како сведок денеска се појави сопартиецот на Мерко од ДУИ, поранешниот министер за образование и наука Јетон Шакири. Тој кажа дека во времето кога тој бил министер до него не бил доставен предмет за одземање ингеренции, ниту стигнале извештаи од инспекторат.


Против Мерко, досега се поднесени девет обвиненија.


Мерко беше градоначалник на Струга во периодот од 2005 до 2013. Потоа краток период беше пратеник, од 2014 до 2016, за во 2017 да се проба и како министер без ресор во првата влада предводена од Зоран Заев. Меѓутоа, истата година, на локалните изборите во октомври тој се врати на градоначалничката позиција во Струга. Четвртиот градоначалнички мандат, кој е во тек, тој го доби на изборите во 2021 година.