ru24.pro
World News in Macedonian
Январь
2025

„ТАВ Македонија“: Лажни информации за продажба на багаж во име на Меѓународниот аеродром - Скопје

0
„ТАВ Македонија“, аеродромскиот оператор на двата македонски аеродроми, Меѓународниот аеродром - Скопје и Aеродромот „Свети Апостол Павле“ - Охрид, во соопштение за јавноста ги предупредува граѓаните за лажни страници и профили на социјалните мрежи, преку кои наводно се продава изгубен багаж на аеродромот.


„За жал, има лажни страници и профили на социјалните мрежи, на кои наводно се продава изгубен багаж на Меѓународниот аеродром - Скопје. Ова се лажни објави на социјалните мрежи преку кои се шират лажни информации за наводна продажба на изгубен багаж во име на Меѓународниот аеродром - Скопје, односно аеродромскиот оператор „ТАВ Македонија“, а понатаму, корисниците се пренасочуваат на линкови до веб-страници, каде што се бараат лични податоци и детали од банкарски сметки, со цел да бидат измамени да направат трансакција, појаснуваат од „ТАВ Македонија“. 




Оттаму апелираат граѓаните да бидат внимателни додека се на интернет, особено кога се бара да ги вметнат личните податоци и детали за трансакциски сметки, што може дополнително да бидат злоупотребени.


„ТАВ Македонија“ ќе ги преземе сите правни мерки за заштита на својот углед, особено затоа што во аеродромската дејност, изгубениот багаж им се враќа на сопствениците согласно утврдена процедура, односно со изгубениот багаж никогаш не се тргува, нагласуваат оттаму.


Во соопштението се истакнува дека сите официјални информации и новости во врска со и за Меѓународниот аеродром - Скопје може да се најдат на нивната веб страница како и на социјалните мрежи. 


„Сите други веб-страници и страници на социјалните мрежи на кои луѓето може да наидат, лажно се претставуваат и немаат никаква врска со Меѓународниот аеродром - Скопје и дејноста на „ТАВ Македонија“, посочуваат оттаму.