ru24.pro
World News in Macedonian
Январь
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22
23
24
25
26
27
28
29
30
31

Андоновски против забрана на апликации, но, тоа е опција „на располагање“

0
Ако забраните една апликација, голема веројатност е децата да се префрлат на некоја втора, а државата не смее да биде таа што постојано ќе забранува апликации и со тоа ќе ги наруши демократските принципи на општеството. Ова го изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на прес-конференција попладнево (21 јануари), каде беше прашан дали поради опасните предизвици на „Тикток“, се размислува за рестрикции по училиштата.


Тој вели дека веќе е изработено упатство што било споделено со Педагошката служба од Министерството за образование и наука, како прв чекор.


„Ова упатство ќе биде насочено кон сите наставници во сите училишта, основни и средни, да поразговараат со децата, со учениците за предизвикот што се случува со социјалните медиуми, затоа што ова се алатки со неограничени можности. Но, за жал, никој од нас никогаш не бил обучен како правилно да ги користи“, рече министерот.


Вториот чекор, како што истакна, е центар за побезбеден интернет што дополнително ќе дава ресурси и помош. Министерот очекува да се формира до крајот на годината, нагласувајќи оти се работи на физибилити студија со партнерите.


Третата можност што стои на располагање е целосната забрана на овие апликации, рече Андоновски, додавајќи дека е против нарушување на нет неутралноста и заземање страна во поглед на забранување аплкации.


„Но, ако забележиме дека овие мерки што сега ги преземаме не се доволни, секако можеме да го задржиме правото со одредени измени во Законот за електронски комуникации да преземеме и вакви мерки“, одговори Андоновски.




Актуелниот предизвик на платформата Тик-ток, наречен„Супермен“, ги предизвикува децата да скокнат имитирајќи го истоимениот херој. Врсниците го чекаат со раце и го исфрлаат назад додека тој што скока треба да застане на нозе.


Поради овој предизвик, најмалку единаесет деца на почетокот на декември минатата година завршија во градската болница во Скопје. Повеќето со набиеници, а две од нив завршиле и со скршени раце.


Еден од инцидентите од последниот предизвик наречен „Супермен“ заврши и во полициските билтени. Во Министерството за внатрешни работи на 4 декември татко од Зелениково пријавил дека неговиот осумгодишен се здобил со тешка телесна повреда при игра со учениците.


Властите во Албанија, на пример, на 21 декември, го блокираа пристапот до платформата Тик-ток, еден месец по убиството на 14-годишен ученик во Тирана.


Македонските власти, по масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Србија кога ученик уби девет врсници и еден чувар, во јавноста ја отворија темата за ограничувања во користењето на Тик-ток и други социјални мрежи. Поранешниот министер за образование и наука Јетон Шаќири тогаш најавуваше и одржуваше состаноци со институции, како министерствата за информатичко општество и за внатрешни работи, Агенцијата за електронски комуникации итн. Меѓутоа, во јавноста не се излезе со официјални предлог-мерки за некакви ограничувања.