ru24.pro
World News in Macedonian
Январь
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22
23
24
25
26
27
28
29
30
31

Болните од рак повторно без биолошка терапија

0
Пациенти на Клиниката за радиотерапија и онкологија останале без биолошка терапија. Како што информираат за МИА дел од нив, на клиниката во моментов ги нема лековите „atezolizumab (tecentriq)“, „bevacizumab (avastin)“, „palbociclib“, „ribociclib“, „fulvestrant“ и „cetuximab“.


„Клиниката за онкологија не е во можност да одговори на зголемувањето на бројот на пациентите со метастатски канцери и тоа е една од причините зошто се појави овој недостаток. Како втора причина и нешто што ние пациентите го гледаме како позитивен исход, а тоа е се продолжува животот на пациентите и затоа подолго период имаат потреба од оваа терапија. Иако минатата година со анекс се одобрија дополнителни сретства, очигледно и тие не беа доволни. Недостаток на терапија има од петокот, се обидува Онкологија да добие дополнително средства да се затвори оваа дупка до одобрување на новиот буџет“, изјави за МИА, Ана Марјановиќ, пациентка и дел од здружението „Хема-онко“.


Марјановиќ за МИА нагласи дека како пациентка и како здружение, инсистираат да има промена на позитивната листа.




Од Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје велат дека состојбата со достапноста на биолошката терапија е резултат на административни процедури, што се реализираат согласно буџетот за 2024 година.


„Овој буџет беше изработен во претходната година врз основа на проценките во тој период и не ги одразуваше целосно тековните потреби на клиниката. Дополнително, треба да се земат предвид и континуираниот пораст на бројот на онколошки пациенти, како и сложеноста на административните и финансиските процеси што влијаат врз набавката на лекови“, велат од Клиниката.




Во врска со предизвиците поврзани со тендерските постапки, како што информираат, веќе се преземаат мерки за подобро планирање на набавките и поедноставување на процедурите, во соработка со Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство.


„Нашата цел е да обезбедиме навремено и континуирано снабдување со овој вид терапија за пациентите, веруваме дека со овие мерки, актуелниот недостаток ќе биде надминат во најкраток можен рок. Во меѓувреме, пациентите се третираат со терапијата што моментално е достапна во Клиниката, согласно препораките на специјалистите и медицинските протоколи за третман“, се наведува во одговорот на Клиниката на прашањата на МИА.


Во последниот извештај на Државниот завод за ревизија за работата на оваа клиника беше посочено дека биолошка терапија нема за сите пациенти, туку само за 24 отсто од нив.


Минатата година новинарските истражувања открија дека покрај тоа што на Клиниката за онкологија се крадела биолошката скапа терапија за болни од карцином, има сомнежи дека пациентите добивале физиолошки раствор, а терапијата завршувала на црниот пазар.