ru24.pro
World News in Macedonian
Январь
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11
12
13
14
15
16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
31

Изгласана интерпелација за пратеничката Илире Даути

0
Со 61 глас „за“ и 22 „против“ пратениците во Собранието изгласаа интерпелација за пратеничката од опозицискиот Европски фронт, Илире Даути. Интерпелацијата за неа се однесува на функцијата претседателка на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, а ја поднесе партијата Левица.


Пратениците од Левица бараа нејзино разрешување од Комисијата бидејќи одбива да го стави на дневен ред Законот за бранители.


Поддршка за разрешување од оваа позиција дадоа пратениците од владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. СДСМ не присуствуваше на седницата.


Покрај за Даути, на дневен ред на денешната собраниска седница сè уште четири интерпелации кои ги поднесе Европскиот фронт предводен од ДУИ, а се однесуваат на работата на вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени.




Интерпелацијата за Даути како прва од дневниот ред, ја образложи пратеникот Сашко Јанчев од Левица кој рече дека Даути со нејзиното „несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување“ го кочи Законот за бранители со тоа што не го става на дневен ред на Комисијата со која претседава.


Во текот на расправата беа изнесени различни ставови и обвинувања, а одговор на поднесената интерпелација даде и Илире Даути.


„Од каде и да гледате, ќе видите дека претседателката на Комисијата има право зашто ја сака вистината во целост. Таа е убедена дека ако се тргнат фрагменти од историјата, вистината останува половична, а со таква вистина не може да се гради иднина за граѓаните. Но прифаќам, и пратеничката има свои слабости. Таа е Албанка и треба да се соочи со разликите кои постојат не само во оваа институција … Таа е убедена дека за овие прашања се тргнува од човечноста и дека прво треба да бидеме луѓе, рече Даути.


Според неа, целта на оваа интерпелација била „да се демонстрација на сила и диктат кон работата на пратениците што размислуваат различно“.




Гласањето на интерпелацијата за неа, значи дека пратениците ќе треба да предложат нов претседател на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, која според распределбата во парламентот му припаѓа на опозицискиот Европски фронт.


Ова е прва пленарна седница на Собранието во 2025 година.


За интерпелациите на Меџити, Стоилковиќ, Тошковски и Исени ќе се одлучува дополнително и за секоја ќе се дискутира и гласа поединечно. Според Деловникот, дискусијата и гласањето треба да завршат денеска до полноќ.


Законот за бранители, кој беше причина за интерпелацијата на Даути, го поднесе пратеничката и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска од СДСМ. Законскиот предлог ја доби поддршката во Собранието да оди по скратена постапка. Откако Даути како претседателка на Комисијата за социјална политика, млади и демографија не го стави законот на дневен ред, претседателот на Собранието Африм Гаши во неговото образложение посочи дека нема ингеренции да назначи друг член за да се одржи седницата затоа што Даути ја свикала седница согласно роковите.