ru24.pro
World News in Macedonian
Январь
2025
1 2 3 4 5
6
7
8
9
10
11
12
13
14
15
16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
31

Дали укинувањето на динарот имаше „позитивен ефект“ врз косовскиот финансиски систем?

0
Регулативата на Централната банка на Косово платежните трансакции да се одвиваат исклучиво во евра не ја исполни својата цел, бидејќи динарите продолжуваат да циркулираат во српските области на Косово, а приходите од буџетот на Србија не се претвораат во евра, заклучува професорот по економија на Универзитетот во Приштина, Мејди Бекташи.


„Таа уредба беше избрзана одлука. Политичка одлука на оваа влада“, смета тој, додавајќи дека прашањето за укинување на динарот требало да се реши со дијалог за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, со посредство на Европската Унија.


Тоа укажува дека и една година по донесувањето на уредбата за укинување на динарот, нема договор за трансфер на пари во кои би имала увид Централната банка на Косово.


Гувернерот на Косово, пак Ахмет Исмаили, коментирајќи го овој указ на годишната конференција минатата недела, рече дека тоа има „позитивен ефект“ врз целиот финансиски сектор, дека има „обединување на секторот и прекин на незаконското финансирање“.


Уредбата за укинување на динарот како платежно средство беше донесена на крајот на декември 2023 година и стапи во сила на 1 февруари 2024 година.


На оваа уредба бурно реагираа припадниците на српската заедница кои добиваат различни приходи од српскиот буџет во динари, а беше критикуван и од меѓународната заедница со образложение дека може да има негативни последици за малцинските заедници.


Профeсорот Бекташи посочува дека единственото нешто што се променило во изминатата година е тоа што косовските граѓани од српската заедница мора да одат во Србија за да го подигнат своите приходи во динари.


„Приодот на транзиција требаше да има смисла, Централната банка на Косово и Народната банка на Србија да постигнат договор за претворање на динарите во евра и да обезбедат проток на пари за пензионерите и другите кои примаат приходи во динари“, посочува тој.




Народната банка на Србија инсистираше прашањето за динарот да се разговара во рамките на дијалогот, што Косово најмногу го одбиваше со образложение дека тоа е внатрешно прашање.


Каква е реалната состојба на теренот?


Петар од Северна Митровица е вработен во една од згаснатите институции кои работеле во српскиот систем, која Косово ја затвори со образложение дека „функционирале незаконски“.


Тој во интервју за РСЕ вели дека во моментов не оди на работа, но дека редовно зема плата.


„Мојата плата е на сметка која е во динари, можеби тоа требало да се реши, платата некако да се конвертира и да ја добиваме нормално во евра во Косово, НЛБ банка, Рајфесен банка, која е во нашиот град“.


Тој наведува дека „ниту една страна не сака да обрнува внимание на луѓето кои минуваат низ тешкотии“.


Централната банка на Косово тврдеше дека укинувањето на платните трансакции во динари не забранува исплата на приходите од српскиот буџет, туку тие мора да бидат исклучиво во евра за да се има преглед на протокот на пари.


Но, до денес овие приходи останале во динари. Исто така, во одредени српски области - главно во општините на север - динарот сè уште циркулира како платежно средство во трговските објекти.


Официјален Белград одбива да ги затвори своите институции за Косово, а некои од нив се префрлени во пограничните градови во Србија. Има и банкомати од кои граѓаните на Косово можат да ги подигнат приходите во динари.


Во Србија по динари 


Радомир од Лепосавиќ вели дека сега „по навика“ ги повлекува приходите во динари во Рашка, пограничен град во Србија на околу 30 километри од оваа општина со српско мнозинство на северот на Косово.


„По навика, долу во Рашка купуваме и српски производи кои беа забранети овде на Косово некое време. Научивме да плаќаме на картичка... сè на се, не е многу едноставно, но се навикнуваме на тоа“, вели тој.


Тој забележува и дека на граничните премини има големи гужви кога е во тек исплатата на приходите од српскиот буџет, па се случува да чекаат и по неколку часа за да преминат од Косово во Србија или обратно.


„Треба да се има трпение, има огромни гужви кога се исплаќаат пензии или други примања. Имам двајца пензионери (родители) во мојата куќа, ги однесов во Рашка, но им земав полномошно и сега јас им ги покачувам пензиите“.




Пред укинувањето на динарот, Милорад од Грачаница, општина со српско мнозинство кај Приштина, пензијата ја подигнувал со чек, односно парите му биле исплаќани на шалтерот на Пошта која работи во системот на Србија или поштарот му ја доставувал на домашна адреса.


Тој објаснува дека првите неколку месеци по откажувањето на плаќањата во динари, секој месец одел во Србија за да си ја подигне пензијата, но во меѓувреме отворил сметка во банката Поштенска штединица кадешто  има пари.


Сега, како што вели, картичката им ја дава на децата кои му ја подигнуваат пензијата во Србија.


Инаку, Србија издвојува милиони евра за исплата на примањата на Србите во Косово.


Покрај платите и пензиите има и други парични поволности како социјална помош, детски додаток и слично.


Во меѓувреме, на крајот на октомври, Владата на Србија ја прогласи територијата на Косово за „област на специјална социјална заштита“, која предвидува дополнителна парична помош за невработените, пензионерите и децата.