ЕБОР: Жените се позагрижени за климата, но имаат помал пристап до зелените кредити
Во Северна Македонија, жените имаат банкарски сметки и кредитни картички на исто ниво како мажите, но имаат добиено само 28 отсто од кредитите достапни преку Програмата за финансирање на зелена економија (Green Economy Financing Facility– GEFF). Ова го нотираше истражувањето на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Резултатите покажуваат дека соодносот е скоро 10 милиони евра зелено кредитирање помалку за жените.
Според истражувањето, жените покажуваат поголема загриженост за климата и инвестираат повеќе, а сепак имаат помал пристап до зелените кредити. При тоа, младите жени се соочуваат со дополнителни бариери за пристап до кредитирањето, најчесто заради договори за привремено вработување, породилно отсуство, неплатена грижа за блиски, кои го лимитираат нивното учество во формалниот пазар на труд. Овие структурални измени придонесуваат жените да имаат помала финансиска инклузивност и намален пристап до можностите за зелени инвестиции.
Според податоците во истражувањето, жените кои подигнуваат кредити, позајмуваат поголеми суми од просечната сума на кредити, преку Програмата за финансирање на зелена економија.
Просечната големина на кредитот кај жените е 8.529 евра, што е значително над просекот на програмата од 5.605 евра. Ова е индикатор дека жените прават значајни инвестиции, кога за тоа ќе добијат можност – наведуваат од ЕБОР.
Вo студијата се истакнува и силен деловен аспект за проширување на зелените финансии за жените.
Жените демонстрираат силна климатска свест, а 74 отсто изразуваат загриженост за ризиците поврзани со климата во споредба со 61 отсто од мажите.
И покрај тоа, жените остануваат помалку претставени во зеленото финансирање. Овие резултати укажуваат на значајна можност за финансиските институции за проширување на нивните пазари, преку справување со бариерите специфични за полово креираните производи, кои ги задоволуваат потребите на жените.
„Ова истражување е важно затоа што со подобрување на собирањето на податоци и истакнување на половиот диспаритет, може да се помогне во натамошното кревање на свесноста околу оваа работа и подобрување на учеството на жените во зелената економија“, истакна Фатих Туркменоглу, претставник на ЕБОР за Северна Македонија при презентирањето на резултатите од истражувањето.
Претставничката од Европската Делегација, Мари Маделеин Канелополу, пак, истакна дека половата еднаквост е фундаментална компонента на сите политики на Европската Унија имплементирани во Северна Македонија, со која, како што рече, се овозможува усогласување со целите на климатска неутралност со родовата еднаквост, и се поттикнува оддржлив развој.
„Со вакви податоци се овозможува да знаеме кои се пазарните потреби, кои се пречките за женските претприемачи и како заеднички можеме да изградиме капацитет за поддршка на полово одговорни климатски акции во иднина“, додаде таа.
Програмата за финансирање на зелена економија на ЕБОР пласира финансиска поддршка во земјава од 2017 година, обезбедувајќи финансирање за сопственици на домови, за инвестиции во технологии кои заштедуваат енергија, во соработка со локалните партнерски банки.
Истражувањето ги утврдува резултатите и тенденциите на кредитирање преку програмата, која до денес има поддржано скоро 5.000 сопственици на домови, во инвестиции на енергетска надградба во нивните живеалишта.
Полово базираната проценка нуди препораки на финансиските институции во надминување на бариерите на жените во пристап за климатско финансирање, вклучувајќи користење на полово прилагоден маркетинг и информативни канали, како и зголемување на свеста за можностите за финансирање прилагодени според потребите на жените.
Програмата за финансирање на зелена економија на ЕБОР на Западен Балкан е ко-финансирана од Европската Унија.