Талибанците го ослободија американскиот државјанин Глезман
Американскиот државјанин Џорџ Глезман беше ослободен од притворот во Кабул по првата посета на висок американски функционер на Авганистан откако Талибанците ја презедоа власта во земјата по повлекувањето на меѓународните трупи од земјата разурната од војна во август 2021 година.
Поранешниот американски специјален пратеник за Авганистан Залмај Калилзад во објава на мрежата Х рече дека откако тој и Адам Болер, висок советник во Канцеларијата на специјалниот претседателски пратеник за прашања на заложниците, се сретнале со талибанските претставници на 20 март, 66-годишниот Глезман бил „на пат кон дома“.
„Успеавме да обезбедиме ослободување на американскиот државјанин Џорџ Глезман, по две години во притвор во Кабул. Талибанската влада се согласи да го ослободи како гест на добра волја кон претседателот [Доналд Трамп] и американскиот народ“, рече Калилзад.
Детали од преговорите не беа соопштени. САД, како и повеќето земји, не ги признаваат Талибанците како легитимни владетели на Авганистан.
Не се споменуваше уште еден американски државјанин кој го држат талибанците, Џорџ Махмуд Хабиби, кој исто така е затворен во Авганистан од 2022 година.
Глезман, механичар на авиокомпанија од Атланта, беше уапсен од талибанските власти додека беше на туристичка посета на Авганистан во декември 2022 година, а американската влада сметаше дека тој е незаконски приведен.
Државниот секретар Марко Рубио подоцна го потврди ослободувањето, нарекувајќи го „позитивен и конструктивен чекор“ олеснет од официјални лица во Катар, кој честопати беше домаќин на разговорите меѓу Вашингтон и талибанците.
„Тоа е исто така потсетување дека другите Американци сè уште се затворени во Авганистан“, додаде тој.
Ослободувањето доаѓа два месеци откако двајца други Американци заробени во Авганистан беа разменети за талибански затвореник кој отслужува доживотна казна затвор во Калифорнија под обвинение за дрога и тероризам.
Рајан Корбет и Вилијам Мекенти беа заменети со Кан Мохамед, кој беше осуден на две доживотни затворски казни во 2008 година и беше затворен во американски затвор.
Хуманитарните работници Корбет (40) и Хабиби (37) кои беа на чело на авганистанската авијациска управа под претходната авганистанска влада беа приведени одделно во август 2022 година.
