ru24.pro
World News
Декабрь
2024
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29
30
31

ДКСК: Нема основа за постапување против директорот на АНБ, Христовски

0
Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) констатира дека нема основа за постапување по пријавата за судир на интереси и корупција при именувањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски.


На денешната седница (24 декември), ДКСК утврди дека Христовски ги исполнува условите за именување според Законот за АНБ. Сепак беше истакнато дека Комисијата нема надлежност за директна експертиза на дел од документите.


Според пријавите, постојат сомневања за законитоста на безбедносната проверка, валидноста на дипломата за високо образование, сертификатот за англиски јазик и работното искуство на Христовски. Подносителите бараа ДКСК да ги преземе сите потребни дејствија за утврдување на одговорност за корупција и судир на интереси.


Според ДКСК, сите доставени податоци поврзани со Христовски биле во насока на исполнување на критериумите.


Како што посочи членот Цвета Ристовска исполнет е условот за државјанство на државава, условот да нема државјанство на друга држава, како и условот за положени испити.


„Врз основа на сомнежите за валидноста на приложените документи, ДКСК постапувајќи по своите надлежности побара вонреден инспекциски надзор од Државниот просветен инспекторат во наведениот факултет со цел проверка на приложените уверенија и дипломи за стекнати 240, односно 180 кредити. ДПИ постапи и достави допис во кој се констатира дека нема неправилност во работењеото на универзитетот, односно приложените уверенија и дипломи се издадени во согласност со законски прописи“, рече таа, дополнувајќи дека ДКСК нема надлежност за директна експертиза на документите.


Во врска со условот за 12 години искуство од кои пет години на раководни функции, од ДКСК информираа дека од страна на владата е доставен доказ дека има работно искуство.




Во однос на условот да поседува еден од меѓународно признати сертификати за познавање на англиски јазик, не постар од пет години, оттаму посочија дека лицето поднело сертификат издаден во 2022 година кој формално правно ги исполнува законските критериуми.


„Поради сомневање за автентичноста за наведениот сертификат, ДКСК истакнува дека нема овластување да проверува и утврдува автентичност на документите кои бараат експертиза надвор од надлежностите на ДКСК, согласно закон. Надлежноста е на основно јавно обвинителство каде што е доставена кривична пријава, а документот е валиден додека не се докаже спротивното“, посочи Ристовска.




Според ДКСК, валидни се и условите да не му е изречена забрана за вршење професија, да не е член на политичка партија и да има исполнето безбедносна проверка. 


Во однос на условот да не е поведена постапка за постоење на судир на интереси, во документацијата е доставена изјава со која изјавува дека не му е утврдено постоење на судир на интереси, според која ДКСК смета дека е исполнет и тој услов. 


Одлуката на ДКСК следува откако во случајот со именувањето на директорот на АНБ, Бојан Христовски, спорни беа сертификатот за англиски јазик, за кој постојат сомневања дека е издаден од неовластено јазично студио во Пловдив, Бугарија, потоа дипломата за високо образование, за која имаше сомневања за валидноста од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје и документите за работно искуство поврзано со тоа дали Христовски има доволно години стаж на раководни позиции, како што е предвидено со законските услови.


Овие сомневања беа предмет на истрага од страна на ДКСК и други надлежни институции.