ru24.pro
World News
Декабрь
2024
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27
28
29
30
31

Хјуман рајтс воч повикува на одговорност за „бруталното“ насилство врз грузиските демонстранти

0
Хјуман рајтс воч (ХРВ) повика на истрага од страна на грузиските безбедносни сили за „бруталното полициско насилство“ врз претежно мирните демонстранти кои излегоа на улиците на антивладините демонстрации.


Полицијата се судри со демонстрантите повеќе од две недели, при што беа приведени десетици и повредени голем број луѓе кои ја обвинуваат владата на владејачката партија Грузиски сон за оддалечување на земјата од Европската Унија (ЕУ) и блиски односи со Москва.


„Во широко распространети и јасно криминални дејствија, безбедносните сили бркаа, насилно ги приведоа и тепаа демонстрантите. Полицијата, исто така, ги мачеше и на друг начин ги малтретираше во полициски комбиња и полициски станици“, се вели во извештајот на ХРВ од 24 декември.


Политичката криза избувна откако Грузиски сон победи на изборите во октомври, за кои Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) соопшти дека биле нарушени со случаи на купување гласови, двојно гласање, физичко насилство и заплашување.


Митинзите се интензивираа по минатомесечната одлука на владата да ги одложи преговорите за пристапување на Грузија во Европската Унија.


Властите реагираа насилно на демонстрациите, апсејќи стотици луѓе во последниве недели и внимателно следејќи ги учесниците со надзорни камери способни за препознавање лица.




Десетици демонстранти како и новинари кои ги следеа собирите беа претепани и приведени од полицијата.


„Нивото на насилство од страна на властите врз главно мирните демонстранти е шокантно, јасно одмазднички и ги крши домашните закони и меѓународните норми на Грузија“, рече Хју Вилијамсон, директор за Европа и Централна Азија во Хјуман рајтс воч.


„Степенот на полициска злоупотреба на демонстрантите и неуспехот на грузиските власти да ги повикаат на одговорност за тоа укажува дека тие или го одобрија или го простија насилството“, рече тој.


Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили на 22 декември го повика Грузиски сон да одреди датум за нови парламентарни избори до 29 декември. Зурабишвили е во судир со владејачката партија од парламентарните избори во октомври, кои опозицијата одбива да ги признае.


Грузиски сон негираше какви било изборни нерегуларности и одби да ја разгледа можноста за нови избори и покрај речиси секојдневните протести.


Грузија доби статус на кандидат за ЕУ во декември минатата година, но односите со Брисел беа затегнати во последните месеци по усвојувањето на контроверзниот закон за „странски агенти“ во мај, протуркан во парламентот од Грузиски сон, партијата на власт од 2012 година.


Критичарите велат дека законот им се заканува на медиумите и граѓанските групи и е сличен на рускиот закон што го користи Кремљ за да ги задуши политичките противници и граѓанското општество.


Иако Грузиски сон првично ја поддржа за нејзината успешна претседателска кандидатура во 2018 година, Зурабишвили беше „трн во окото“ на владејачката партија.




Иако официјално непартиската претседателка иам пграничена церемонијална улога, таа го критикуваше Грузиски сон за неговиот се поавторитарен став.


Претходно овој месец, изборниот колеџ во кој доминира Грузиски сон го избра Михаило Кавелашвили, 53-годишен поранешен фудбалер и десничарски популист, за следен претседател на Грузија.


Неговата инаугурација треба да се одржи на 29 декември, иако 72-годишната Зурабишвили, чиј мандат истекува оваа година, рече дека нема да оди никаде.


Законот за „странски агенти“, кој бара организациите кои добиваат значителни странски средства да се регистрираат како странски агенти, стапи на сила на 1 август, предизвикувајќи остри критики од меѓународните и домашните актери.


Минатата недела владата вети дека ќе го измени законот, иако не даде детали за измените што ќе ги направи.