ru24.pro
World News
Декабрь
2024
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23
24
25
26
27
28
29
30
31

Омерагиќ е нов претседател на ФФМ, Пандев спортски директор

0
Мaсар Омерагиќ е нов претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), а поранешниот репрезентативец Горан Пандев е назначен за спортски директор на сите македонски репрезентативни селекции.


Изборот на новото раководство се случи денеска (22 декември) кога се одржа вонредното изборно генерално собрание на ФФМ.


Како што соопштија од федерацијата, Омерагиќ со акламација е избран за прв човек на македонскиот фудбал.


Во обраќањето, тој порача дека „нема волшебно стапче, но има и визија и трпение и добар тим околу себе“.


„Рак рана години наназад беше корупцијата и врските како начин за успех каде што многу млади вистински таленти се демотивираа и откажуваа од фудбалот. Во многу од државите фудбалските работници го променија тоа, на ред сме ние. Нулта толеранција за корупција во фудбалот и вистинска шанса за секој квалитетен талент кој мотивирано ќе работи да се докаже и успее, а успехот на секое дете помогнат од нас, ќе биде успех на целата јавност и држава“, рече Омерагиќ.




По вонредното собрание, тој одржал состанок со членовите на Управниот одбор на кој за потпретседател на ФФМ бил избран Марјан Стојкоски од Општинскиот фудбалски сојуз Прилеп.


За в.д. генерален секретар на Федерацијата, пак, е назначен Дрилог Ганиу, досегашен заменик на првиот оперативец во „Куќата на фудбалот“.


Две фудбалски легенди, пак, ќе бидат советници во кабинетот на Омерагиќ.


„Еден од великаните на македонскиот фудбал, Илија Најдоски заедно со нашиот поранешен репрезентативец, Агим Ибраими се назначени за советници во кабинетот на претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ“, соопшти ФФМ.




Пред да дојде до изборот на новото раководство на ФФМ, изборното собрание ја прифати оставката на досегашниот претседател на Федерацијата Муамед Сејдини.


„Овие години ќе останат незаборавни за мене и верувам за сите кои го сакаат нашиот фудбал. Од историското учество на Европското првенство ЕУРО 2020, преку големата победа против Италија, успесите во Лигата на нации, па сè до инфраструктурните проекти кои трансформираа многу фудбалски терени во нашата земја. Сето ова е резултат на заедничката работа и посветеноста на сите нас“, рече Сејдини.


Тој беше на чело на ФФМ седум години откако на позицијата го наследи претходниот претседател Илчо Ѓорѓиоски.