ru24.pro
World News
Декабрь
2024
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
31

Средби во Брисел во рамки на дијалогот Косово-Србија

0
Во Брисел денеска (17 декември) се одржуваат состаноци на ниво на главните преговарачи во рамките на дијалогот меѓу Косово и Србија, за нормализација на односите меѓу двете држави.


Како што е пракса, специјалниот претставник на Европската Унија за дијалог, Мирослав Лајчак прво ќе има одвоени средби со главниот косовски преговарач, Бесник Бислими, како и со преговарачот на Србија, Петар Петковиќ.


Од атмосферата на одделните средби ќе зависи евентуалната заедничка односно трилатерална средба, каде би учествувале европската, српската и косовската страна.


Последната средба на ниво на преговарачи се одржа на 24 октомври кога сепак, не беа постигнати конкретни резултати.


Конструктивниот пристап во дијалогот е неопходен, за да може Србија и Косово да ги добијат првите исплати од Планот за раст кој Европската Комисија го усвои за земјите од регионот.


Оваа рунда дијалог се одржува за време на седницата на Советот за општи работи, каде министрите на ЕУ одговорни за европски прашања треба да усвојат заклучоци за Западен Балкан, вклучувајќи ја и одлуката да и биде доставено барање на Србија да ја развие својата преговарачка позиција за отворање на кластерот 3.




Европската страна информираше дека во текот на претстојната средба од дијалогот, ќе се разговара за чекорите за имплементација на договорите кои беа постигнати за време на процесот. Меѓу нив е и договорот за патот на нормализација, кој лидерите го постигнаа, но не го потпишаа ланската година во Брисел и Охрид.


Ова е последна средба во рамките на дијалогот за годинава, но истовремено и еден од последните потези на специјалниот известувач за процесот, Мирослав Лајчак чиј мандат истекува на крајот на јануари. Тој неодамна ги информираше амбасадорите на земјите членки на Унијата за состојбата со дијалогот. Според упатени дипломатски извори, Лајчак на амбасадорите им пренел дека постои очигледен недостиг на подготвеност и волја кај страните за каков било напредок во имплементацијата на договорот.




Инаку, оваа година помина без ниту една средба меѓу лидерите на Србија и Косово во рамките на дијалогот. Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас која ја презеде должноста на 1 декември, изрази подготвеност активно да се вклучи во процесот на дијалогот. Меѓутоа, евентуални чекори не би биле можни пред пролет, имајќи предвид дека Косово влегува во предизборна кампања за парламентарните избори кои се закажани за 9 февруари.