ru24.pro
World News
Ноябрь
2024

Кос: Очекувам Северна Македонија да ги направи уставните измени

0
Новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос, очекува Северна Македонија да ги направи потребните уставни измени и да ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.


Нејзината порака за земјава таа ја испрати денеска од Стразбур одговарајќи на новинарски прашања веднаш откако Европскиот парламент ја изгласа неа и уште 25 други комесари да бидат дел од новиот состав на Европската комисија.


„Тоа е нешто на коешто сметаме. Ништо помалку, ништо повеќе. Верувам дека тоа е можно и после тоа навистина да го забрзаме процесот“, нагласи Кос, пренесе МИА.


Прашана дали после направени уставни може да се дадат гаранции дека ќе нема други блокади, Кос рече дека таа не е онаа којашто може да даде одговор на тоа прашање.




Во однос на тоа како може да се реши проблемот со Бугарија, новата еврокомесарка рече дека треба да се разговара што е можно повеќе.


„Да се зборува, што е можно повеќе, и со Северна Македонија и со Бугарија. Мора да покажеме дека тоа е во наши раце, како да го решиме овој билатерален проблем. Без ова, а следејќи ги европските вредности, нема да можеме да го направиме она што е најдобро за ЕУ, и секако што е најдобро за Северна Македонија“, рече Кос.


Таа оцени дека проширувањето денес е поинакво отколку пред пет години. Според неа, постојат реални шанси во следните години, некои држави да дојдат до влезат во ЕУ. Кос посочи дека не знае кои би биле тие потенцирајќи дека ќе станува збор за оние што ќе ги исполнат сите услови.


А околу тоа дали 2030 година е реална временска рамка за влез на Западен Балкан во ЕУ, таа кажа дека нејзиното назначување ќе биде позитивно за регионот.


„Моето назначување мислам дека е позитивно за Западен Балкан, ќе имам блиска и тесна соработка колку што е можно повеќе со државите кои се подготвени да влезат во ЕУ. Да ги посетам сите“, додаде Кос.


Новата еврокомесарка за проширување е од Словенија, таа на функцијата ќе го наследи Унгарецот Оливер Вархеји.


Мандатот на новиот состав Европска комисија ќе започне на 1 декември.




Владата во Скопје, која по изборите во мај ја формираше ВМРО-ДПМНЕ, пред да направи уставни измени сака да добие гаранции дека ќе нема други условувања и вета од Бугарија во пристапниот процед кон ЕУ. Исто така, сака уставните измени да се направат, но да бидат со одложено дејство – да стапат во сила во моментот кога Северна Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ.


Премиерот Христијан Мицкоски денеска (27 ноември) посочи дека тие ги дефинирале црвените линии и нема да се поместат од тоа.


„Нема да бидеме жртва на билатерализација на процесот на приклучување на Македонија кон ЕУ. Ние кажавме што можеме да направиме и тоа е максимумот што можеме да го направиме. И тоа е кажано на сите светски фактори, на сите луѓе коишто одлучуваат генерално или имаат некаква улога во светската политика“, изјави Мицкоски.


Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес Северна Македонија на 19 јули 2022 година. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата.