ru24.pro
World News
Ноябрь
2024

Австралија на чекор да ги забрани социјалните мрежи за помлади од 16 години

0
Долниот дом на австралискиот парламент со големо мнозинство го поддржа законот со кој на децата до 16 години им се забранува користење на социјалните мрежи.


Предлог-законот што денеска (27 ноември) го усвои Претставничкиот дом ги таргетира платформите на социјалните медиуми како ТикТок, Фејсбук, Инстаграм и Икс и предвидува казни до 50 милиони австралиски долари доколку не ја почитуваат забраната.


Откако беше усвоен со 103 гласа „за“ и 13 „против“, законот сега оди во Сенатот, каде исто така се очекува да помине со поддршка од најголемите партии во Австралија.


Опозицискиот пратеник Ден Техан рече дека владата се согласила со амандманите поднесени во Сенатот со кои ќе се зајакне заштитата на приватноста на корисниците на социјалните мрежи, вклучително и забрана за платформи кои ги принудуваат корисниците да се идентификуваат со личен документ од владата.




Ако се изгласа законот, социјалните мрежи ќе имаат една година да размислуваат како да се придржуваат до наредбата.


Иако забраната наиде на широка поддршка во парламентот, некои опозициски пратеници тврдат дека законот не решава многу од основните проблеми со социјалните медиуми, а во исто време ги ограничува правата на Австралијците.


„Вистинската цел на овој предлог-закон не е да ги направи социјалните медиуми безбедни, туку само родителите и гласачите да почувствуваат дека владата прави нешто во врска со тоа“, смета независната пратеничка Зои Даниел.


Технолошките компании, пак, ја повикаа австралиската власт да го одложи гласањето најмалку до јуни следната година, кога треба да бидат објавени резултатите од направената студија за технологиите за верификација на возраста.


„Во отсуство на такви резултати, ниту индустријата ниту Австралијците нема да ја разберат природата или степенот на верификација на возраста што го бара законот, ниту влијанието на таквите мерки врз Австралијците“, се вели во соопштението на компанијата Мета, која управува со Фејсбук и Инстаграм.




„Во сегашната форма, предлог-законот е неконзистентен и неефикасен“, додаваат оттаму.


Забраната на социјалните мрежи беше критикувана и од Амнести интернешенел и од австралиската комесарка за човекови права, Лорејн Финлеј, која рече дека тоа ќе ги лиши ранливите деца од социјална сигурност.