ru24.pro
World News
Ноябрь
2024

СДСМ избра нови секретари и потпретседатели

0
Александар Димитриевиќ ќе биде новиот генерален секретар на СДСМ, одлучи вечерва, 27 ноември, Централниот одбор на партијата, кој избра и двајца организациски секретари и четворица потпретседатели.


Димитриевиќ е од редовите на општинската организација на СДСМ во Гази Баба и е актуелен советник во оваа општина. Тој доаѓа на позицијата генсек на местото на Миле Зечевиќ.


Во новото раководство на СДСМ отсега ќе има двајца наместо еден организациски секретар, можност која беше воведена со измените на статутот на партијата на конгресот одржан на 24 ноември.


За оваа функција, како што соопшти партискиот лидер Венко Филипче, се избрани поранешниот пратеник од Куманово, Мартин Костовски, и Љупчо Фармаковски од Општина Центар.




На четирите потпретседателски места, пак, Централниот одбор ги избрал: поранешната министерка за животна средина Каја Шукова, универзитетската професорка Ана Чупевска од Правниот факултет во Скопје, Кристина Костова од општинската организација на СДСМ во Штип и Менде Илиевски од Битола.


По седницата на ЦО, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека таа поминала во позитивна атмосфера, а новите лица во раководството се „луѓе со силен личен интегритет и знаење и искуство во своите области“.


„Оваа енергија и атмосфера што ја имавме вечерва е доказ дека консолидација не само што е започната туку и одлично се одвива на сите нивоа во партијата“, рече Филипче.


Тој најави дека веќе од утре новото раководство ќе започне со работа и ќе се има посети и средби по сите општински организации.


„Направен е план за посети, некои насоки за промена на делувањето, комуникацијата со луѓето, начинот на кој ќе допреме до членовите и симпатизерите, оние кои од некакви причини не гласаа – останаа дома или гласаа за друг политички субјект, веќе пристапуваат поради тоа што сме спремни да ги слушнеме сите нивни предлози и во широк процес да ги вклучиме во креирањето на политики“, рече Филипче.


ЦО на СДСМ вечерва избра и членови на Извршниот одбор за кој партискиот лидер рече дека воделе сметка да има соодветна застапеност од сите региони во државата.




Промената на раководството кај социјалдемократите следува по најтешкиот изборен пораз што партијата го доживеа во својата историја на парламентарните и претседателските избори во мај годинава.


По поразот, поранешниот премиер и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, како и останатото раководство на партијата, си поднесоа оставки.


За нов лидер беше избран Венко Филипче на внатрепартиски избори на 30 јуни.


Новиот состав на Централниот одбор, пак, беше избран конгресот на 24 ноември кога по предлог на Филипче за заменик-претседателка на СДСМ беше изгласана Фани Каранфилова Пановска, поранешна директорка на Фондацијата Отворено општество.