ru24.pro
World News
Ноябрь
2024

Борел го повика Израел да прифати прекин на огнот во Либан

0
Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, денеска (26.11) ја повика израелската влада да го поддржи предложениот договор за прекин на огнот во Либан, кој, како што рече, ги има сите неопходни безбедносни гаранции за Израел.


Говорејќи на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Италија, Борел рече дека нема оправдување за неспроведување на договорот со Хезболах поддржан од Иран, додавајќи дека треба да се изврши притисок врз Израел веднаш да го ратификува.


Радикалната либанска група Хезболах е на американската листа на терористички организации, додека само нејзиното вооружено крило е на црната листа на ЕУ, но не и нејзината политичка партија, која има места во либарскиот парламент.


„Да се надеваме дека денеска (израелскиот премиер Бенјамин) Нетанјаху ќе го одобри договорот за прекин на огнот предложен од САД и Франција. Нема повеќе изговори. Нема повеќе дополнителни барања“, рече Борел, критикувајќи ги израелските министри кои се против договорот.


Тој предупреди дека „Либан ќе се распадне“, ако нема примирје.


Израелските власти соопштија дека безбедносниот кабинет на премиерот Бенјамин Нетанјаху ќе се состане денеска за да разговара за предложениот прекин на огнот. Меѓу преостанатите прашања е и барањето на Израел да го задржи правото да дејствува доколку Хезболах ги прекрши своите обврски од новиот договор.


Висок израелски функционер рече дека Израел најверојатно денеска ќе го одобри американскиот план за прекин на огнот со Хезболах.


Пред состанокот на безбедносниот кабинет на кој ќе се разговара за прекин на огнот во Либан, израелските авиони извршија напад врз станбена зграда во центарот на Бејрут и издадоа нови наредби за евакуација на 20 згради во јужните предградија на либанската престолнина.


Нападот срамни со земја зграда во населбата Баста во центарот на Бејрут, што е втор напад во последните денови во близина на центарот на градот.


Засега нема извештаи за жртви. Не е познато дали некој бил конкретно цел, иако Израел вели дека воздушните напади се насочени кон претставници и средства на Хезболах.




 


Израелската војска соопшти дека од вторникот наутро погодила околу 30 цели на милитантната група Хезболах во јужен Либан.


Борел, кој рече дека разговарал за изгледите за договор за време на неодамнешната посета на Либан, додаде и дека една од спорните точки е дали Франција треба да биде вклучена во комитетот што го надгледува спроведувањето на прекинот на огнот, со кој ќе претседаваат САД.


Тој рече дека Либанците конкретно побарале учество на Франција, но дека Израелците се сомневаат во тоа.


По нападот врз Израел во октомври 2023 година од страна на Хамас, која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација, неколкумесечните борби меѓу Израел и Хезболах ескалираа во целосна војна во последните месеци, при што Израел ги уби клучните лидери на Хезболах и испрати копнени сили во јужен Либан.


Во израелските напади во Либан, повеќе од 3.500 луѓе загинаа, а над 15.000 беа ранети, соопшти либанското Министерство за здравство. На израелска страна, околу 90 војници и речиси 50 цивили се убиени од ракети, дронови и проектили во северен Израел и во борбите во Либан.


Борел, исто така, ги критикуваше двојните стандарди на Западот во врска со потерниците на Меѓународниот кривичен суд (МКС) за поранешниот израелски министер за одбрана Нетанјаху и за воениот лидер на Хамас, Мухамед Деиф, за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото во конфликтот во Појасот Газа.


„Не можете да аплаудирате кога судот оди против (рускиот претседател Владимир) Путин и да молчите кога судот оди против Нетанјаху“, рече тој, повикувајќи ги членките на Европската унија да го поддржат МКС.


Италија, која претседава со Г7, во понеделникот рече дека се обидува да издејствува заеднички став на групата во врска со одлуката на МКС, но прашањето е тешко со оглед на тоа што САД рекоа дека не ја признаваат јурисдикцијата на судот и се противат на налогот за апсење на Нетанјаху.


Дел од Г7 се САД, Италија, Франција, Германија, Велика Британија, Канада и Јапонија.


Извори: Ројтерс, АП