ru24.pro
World News
Ноябрь
2024

Муртезани: Уставни измени само кога ќе сме сигурни за крајот на процесот

0
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани изјави дека уставните измени ќе почнат да се реализираат во моментот кога ќе се добие сигурност како ќе изгледа крајот на тој процес. Муртезани ова го посочи по средбата со градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами.


„Во јавните настапи на меѓународните претставници меѓутоа и во извештајот на Европската комисија стои обврската за уставните измени за почнување на преговорите. Јас и премиерот Мицкоски во неколку наврати јасно сме кажале дека ништо не е спорно во суштината на уставните измени, меѓутоа ние сакаме да бидеме сигурни дека уставните измени нема само да го отворат процесот на преговори, туку дека тој процес ќе има крај. Во моментот кога ние ќе видиме дека процесот е обезбеден, уставните измени може да почнат да се имплементираат“, изјави Орхан Муртезани.


Во последниот изештај на ЕК за напредокот на земјата меѓудругото се наведува дека Северна Македонија сè уште нема усвоено релевантни уставни измени со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во границите на државата како што се Бугарите.


Покрај усвојувањето на уставните измени во Извештајот се нагласува и потребата од „спроведување со добра волја“ на билатералните договори со соседните земји, односно на Договорот од Преспа и на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.




Градоначалникот и претседател на движењето Беса, Биљал Касами, не даде мислење за уставните измени, а на новинарско прашање дали очекува поддршка во Советот на Општина Тетово околу финансирањето на здружение Албанска академија на науките и уметностите, потврди дека ќе го поддржат проектот.


„Ние сме зеле како обврска дека ќе ја поддржиме академијата, односно проект кој е важен за науката прво, па после за албанска наука. Се друго е процедура, техника, администрација. Ние кога сме одлучиле да го поддржиме овој проект, сигурно дека сме ги имале предвид сите можности за реализација на истиот. Се надевам дека како досега што сме имале одлична соработка до крај на овој мандат ќе ја имаме таа соработка на локално ниво, за сите проекти кои сме имале договор и соработка и понатаму ќе ја имаме таа соработка“, истакна Касами.




Неодамна министерот за локална самоуправа Златко Перински, коментирајќи ги најавите на четирите општини Тетово, Гостивар, Желино и Чаир дека ќе го финансираат работењето на здружението Албанска академија на науките и уметностите, рече дека законска можност за такво нешто нема.


Четирите општини, во кои локалната власт е во рацете на владиниот коалициски партнер Вреди, на 15 октомври од Тетово најавија дека ќе финансираат работење на Здружението на граѓани – Албанска академија на науките и уметностите.


Против Албанската академија на науките и уметностите се изјаснија премиерот Христијан Мицкоски, СДСМ и ДУИ.