И „Козле“ остана без вода, децата привремено згрижени на други клиники
Поради проблем со водоснабдувањето, децата кои имаат потреба за хоспитализација на Клиниката за белодробни заболувања во Козле, ќе се препраќаат кон Клиниката за детски болести и Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
Министерството за здравство денеска (18 јули) соопшти дека во Козле ќе продолжи само третманот на пациенти во дневна болница и амбулантските прегледи.
По нормализирање на водоснабдувањето во Универзитетската клиника за белодробни заболувања кај децата ‘Козле’, непречено ќе продолжи хоспитализацијата на пациентите во оваа јавна здравствена установа - велат од Министерството за здравство.
Директорката на болницата, Катерина Бошкова вчера за дел од медиумите изјави дека функционираат со цистерни со техничка вода донесена од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“.
„Невозможно е да се лекуваат болнички пациенти без вода“, додаде д-р Бошкова.
ЈП „Водовод и канализација“-Скопје во врска со прекинот на водоснабдувањето на Детската болница Козле попладнево информираше дека при нивниот извршен увид констатирале оти причината за прекинот не е во нивна надлежност.
Во денешното писмено соопштение, од ова јавно претпријатие посочуваат дека станува збор за дефект на водоводната инсталација која е во сопственост на болницата.
За наведеното, известени се надлежните во болницата и тие треба да го санираат дефектот на внатрешната водоводна инсталација, велат од скопски Водовод.
Од јавното претпријатие посочуваат дека и покрај нивните апели, во текот на увидот констатирале дека болницата Козле нерационално ја користи водата за пиење, со полевање на парковската површина во склоп на болницата.