ru24.pro
World News in Macedonian
Декабрь
2024
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14
15
16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
31

Историската комисија на средба за можни заеднички честувања и за македонските учебници

0
Конструктивно и со интензивна расправа поминала 33. средба на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, која вчера и денеска (13 декември) се одржа во Софија, Бугарија, како што соопштија од македонскиот тим на Комисијата.


„На средбата стана збор за евентуални заеднички чествувања; дискусија за препораки за македонските учебници за VII одделение; утврдување на динамиката на работа за првото полугодие за 2025 година; Комисијата го усогласи текстот за Нацрт-записникот од 27 седница“, стои во соопштението.


Во Скопје кон крајот на октомври се одржа средба на Мешовитата комисија, што беше прва на новиот состав на македонскиот тим со нивните колеги од бугарска страна.


Копретседавачот на бугарскиот тим, Ангел Димитров, по средбата, рече дека таа „повеќе била за запознавање“ и „од технички аспект“.


Последната средба на Мешовитата комисија за историски прашања беше одржана на 30 и 31 мај во Софија, а состанокот планиран во Скопје на 18 и 19 септември годинава беше одложен на барање на македонската страна. 




Новиот состав на македонскиот тим од заедничката комисија беше избран од Владата на 10 септември.


Нов претседател на македонскиот тим во заедничката комисија е Ванчо Ѓорѓиев, професор на Филозофскиот факултет во Скопје, кој порано беше член на Комисијата, но ја напушти во 2021 година. Одлуката да се повлече од Комисијата, како што изјави тогаш, е бидејќи се соочил со политички притисоци во нејзината работа.


Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија потпишан на 1 август 2017 година.


Досега комисијата усвои препораки за заедничко чествување на пет историски ликови – Светите браќа Кирил и Методиј, Св. Наум Охридски, Св. Климент Охридски и Цар Самоил и по пет препораки за измени во учебниците по историја за шесто оделение во Македонија и за пети клас во Бугарија.


Следната средба на Комисијата ќе се одржи кон крајот на февруари 2025 година, во Скопје.