ru24.pro
World News in Macedonian
Ноябрь
2024

Експлозија во Зубин Поток, оштетен канал за вода

0
Експлозија што се случи вечерта на 29 ноември во Зубин Поток на северот на Косово го оштети каналот за вода на јавното препријатие за вода „Ибер-Лепенци“.



Министерот за внатрешни работи Џелал Свечла, кој излезе на местото на настанот, изјави дека пред 19 часот се слушнала експлозија и дека е оштетен дел од Ибер-Лепенци, кој се смета за критична инфраструктура.



Тој го оцени како „терористички чин“ оштетувањето на каналот за вода. Свечла рече дека се мобилизирани институциите за да се санираат штетите и граѓаните да не трпат последици.



„Императивна должност на безбедносните институции е да ги истражат терористите кои го извршија овој терористички чин и да ги изведат пред лицето на правдата“, нагласи тој.






Косовската полиција, рече тој, ја добила информацијата за експлозијата нешто пред 19 часот и веднаш пристигнала на местото на настанот.



Јавното претпријатие за водовод „Ибер-Лепенци“ е акционерско друштво со седиште во Приштина и е мултифункционално претпријатие кое ја снабдува индустријата, водоводите и земјоделството со сирова вода, како и произведува електрична енергија од хидроцентралата Ујман.


Регионалното водоводно претпријатие Митровица соопшти дека е прекинато снабдувањето со вода за пиење поради оштетување на каналот.



Главната српска партија во Косово,Српска листа,  која ја има поддршката од Белград, рече дека остро го осудува инцидентот со кој е предизвиката штета штетата на каналот за вода во селото Варага.



„Сакаме јасно да ставиме до знаење дека овој чин е апсолутно против интересите на српскиот народ и бараме од КФОР и ЕУЛЕКС итно да го истражат овој случај“, соопшти оваа партија преку објава на социјалните мрежи.



Во соопштението е наведено дека оштетувањето на каналот за вода, освен што го загрозува водоснабдувањето на граѓаните, „предизвикало загриженост и кај Србите на северот на Косово“.



Врз основа на владините документи, од системот Ибер-Лепенци во Ујман до Зубин Поток, северот на Косово се снабдува со вода за пиење, но и Приштина и неговата околина. Со овој хидросистем се снабдуваат со вода и термоелектраните во Обилиќ, кои се користат за ладење на термоелектраните „Косово-А“ и „Косово- Б“, а покрај тоа, водата од акумулацијата Ујман се користи и за наводнување на земјоделските површини. Самиот канал Ибер-Лепенци има должина од 49 километри, од езерото Ујман до езерото Бадоц кај Приштина.



Вкупно седум општини, јужно и северно од реката Ибр, се снабдуваат со вода од Ујман, и тоа Јужна и Северна Митровица, Звечан, Вуштри, Глогоци, Скендерај и дел од Приштина.



Освен нив, од снабдувањето со вода од ова вештачко езеро целосно зависат и термоелектраните „Косова А и Б“, „Трепча“ и „Фероникел“.


Исто така, во хидроцентралата Валач се произведуваат 32 мегавати (MW) електрична енергија.






Експлозијата во Зубин Поток се случи неколку часа откако косовската полиција соопшти дека ги засилила безбедносните мерки на ниво на земја, вклучително и во северниот дел населен со мнозинство Срби, каде во последните денови се случија неколку инциденти со експлозивни направи.


Полицијата соопшти дека ќе ги засили активностите, ќе го зголеми присуството на терен, „вршење повеќе патроли во најкритичните области, повеќе пунктови и зголемена соработка со граѓаните“.



На северот на Косово, населен со мнозинство Срби, последните денови имаше инциденти со експлозивни направи.



На 27 ноември властите соопштија дека полициската станица во Звечан била нападната со две рачни бомби.



Во меѓувреме, на 29 ноември, полицијата соопшти дека врз зградата на општина Звечан била фрлена експлозивна направа за која се сомнева дека е рачна бомба.